Skip to content

Конференција

Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура

Скопје, 29 и 30 јуни 2021 година

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје оваа година одбележува 40 години од основањето на институцијата и 100 години од раѓањето на Блаже Конески. По тој повод, во организација на Институтот ќе се одржи меѓународна научна конференција

Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура

 
на 29 и 30 јуни 2021 година (вторник и среда) на отворен простор во Скопје и онлајн, согласно со состојбата со пандемијата Covid-19.

Институтот за македонска литература има чест да Ве покани да земете учество на оваа конференција.

Концепт

Досегашните достигнувања на Институтот за македонска литература на планот на научноистражувачкото проследување на книжевно-историските процеси, на етаблирање на вредносните канони на македонската литература и култура создавана во долг временски интервал од 9 до 21 век, ја наметнаа потребата да се проговори низ современ аспект за македонската книжевна и културна традиција низ вековите.

Следејќи ги историографските, општествените и културолошките интроспекции, нашата интенција е низ аспектите на книжевната архива преку меморијата и сеќавањето да се проследи вековниот континуитет на македонската книжевна традиција преку нејзините пројави, преку облиците на културното живеење и нивните манифестации во јавниот простор во континуирана последователност. Истовремено, приказот на богатството и разноликоста на книжевните дела не го перципираме само низ обликот на колекции, туку сакаме продукциите да ги согледаме како извори и места на паметење, сеќавање и на заборав, како место за вкрстување на литературните канони, но и нивно превреднување и редифинирање согласно со новите културолошки методологии (низ интермедијални, интердискурзивни и интеркултурни читања на македонската книжевност и нејзиниот развој). Аспектите ги насочуваме кон начините на кои тие архиви и канони се под влијание на историјата и традицијата, на контекстите, на интеракциите меѓу процесите и промените, на нивниот сооднос со другите литератури и култури на планот на книжевната меморија и нејзината трансформација. Врз основа на различната граѓа, чија база е македонската книжевна и културна архива: обреди, усни истории, книжевност, филм, нашата интенција е да се проектира перцепцијата за тоа како меморијата го одредува влијанието на минатото врз сегашноста и обратно: каква е позицијата на сегашноста за разбирање и интерпретација на минатото. Прашањето за колективната меморија и нејзината интерференција и трансформација со литературата се испреплетува со историјата на колективитетите, со обредните практики, со ритуалите, со карактеристичните наративи поврзани со општествените односи и сл., при што како суштинско се пројавува прашањето за поврзаноста на книжевната меморија и идентитетот (национален, класен, родов и сл.), со што се овозможува националното брендирање на културната традиција.

  • Заемното согледување на ракописното наследство, на македонскиот фолклор, на литературата на преродбата и современата македонска литература во сите пројавени жанрови, воедно допуштаат нивно проследување и во интеркултурен контекст, низ компаративни согледби за сродни тенденции во европските и другите литератури.
    Засегнати од актуелноста на овие состојби и во современиот општествен и политички контекст, поттикнуваме дебата во која како посебни ориентациони пунктови ги предлагаме следниве теми:
  • Ракописна и книжевно-историска архива: паметење и традиција, колективно и индивидуално творештво, македонска јазична редакција во прилог на националното брендирање, канонско-неканонско творештво/вкрстосување на каноните, структури и модели во тврештвото.
  • Фолкорна архива: меморијата на заедницата одразена преку народното или колективното знаење (фолклор), ритуалите и обредите како примордијални организациски облици на паметењето, македонскиот фолклор и современата македонска книжевна традиција.
  • Книжевната архива на Блаже Конески (по повод 100 години од неговото раѓање): културна икона; национално брендирање на културната традиција; Конески и облиците на книжевно поврзување: фолклор и современа литература.
  • Современа книжевна архива: современата македонска литература и нејзиното кореспондирање со сликите и јазикот на колективната меморија, национален и универзален книжевен наратив, книжевни икони и книжевна традиција, соодносот на македонската со други литератури и култури.
  • Дигитална архива: дигитални национални архиви: книжевност, фолклор, музика, филм; дигитализација и ракопис; новите медиуми и нивното влијание врз современата литература и култура; дигитална трансформација – дигитална ера.

Очекуваме Ваша пријава со тема од потесната област на Вашиот научен и културнотворечки интерес.

Рокот за поднесување наслов на тема е до 30 март 2021 година на еднa од следниве адреси: maclit@iml.edu.mk / iml.kult@gmail.com.

Јазици на конференцијата
Македонски и англиски јазик или некој од другите словенски јазици, по претходен договор со организаторот.

Текстовите ќе се објават во посебен Зборник на научни трудови.

Организационен одбор: д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, директор (претседател), д-р Наташа Аврамовска (член), д-р Илија Велев (член), д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева (член), д-р Ана Мартиноска (член), д-р Валентина Миронска-Христовска (член), д-р Јасмина Мојсиева-Гушева (член), д-р Соња Стојменска Елзесер (член), д-р Сарита Трајанова (секретар) и м-р Билјана Јоновска-Стефковска (секретар).

Со почит,

Директор и претседател на Организациониот одбор
проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ

Пријава