Menu

Популарната култура: поглед одоздола

New Pop Kult Logo-01

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Културолошките студии во книжевноста при оваа установа имаат чест да Ве поканат на

Меѓународната научна конференција 

„Популарната култура: поглед одоздола“

што ќе се одржи на 3 – 4 ноември 2014 г. во Скопје, Македонија

 

Организационен одбор: д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, д-р Ана Мартиноска, д-р Соња Стојменска-Елзесер, д-р Александар Прокопиев, м-р Дарин Ангеловски (секретар) и  м-р Сарита Трајанова (секретар). 

 

Концепт:

Конференцијата "Популарната култура: поглед одоздола" е посветена на заокружувањето на јубилејните педесет години од основањето на Центарот за современи културолошки студии на Универзитетот во Бирмингем, Велика Британија (1964 – 2014). Претставниците на овој центар се сметаат за основоположници на културолошките студии во светот, а нивното наследство и влијание е присутно и во рамките на Културолошките студии во книжевноста на Институтот за македонска литература при Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје. И покрај пионерската улога на овој центар и дејноста на Ричард Хогарт, Стјуарт Хол и останатите, тие одбивале какво било одредување со кое нивната работа би се поистоветила со идејата за препознатлива школа на мислење и сметале дека: "Културолошките студии секогаш претставувале низа од нестабилни формации. Тие имаат "средиште" само под наводници (...). Се движеле во различни насоки, токму како што и бројни мислители во различни насоки се движеле во нивниот простор. Натаму, создадени се од низа различни и меѓусебно спротивставени методологии и теоретски позиции" (Хол). Токму затоа, оваа конференција не е замислена како потсетување на историјата на дисциплината или расправа за нивните истражувачки резултати, туку годишнината е само повод за интердисциплинарно проследување во континуитет на некои од темите што тие ги загатнаа и особено е насочена кон различни теоретски и апликативни артикулации на современиот културен контекст, подеднакво во локални и во глобални рамки. 

Изборот на темата е во склад со настојувањето на Центарот во Бирмингем за проучување на популарната култура како нивна средишна преокупација, со почитување на сите различни дефиниции на овој поим, како и комплексните комбинации на значења што ги покрива. Притоа акцентот се става на културните практики и структурите на доминација што ги разоткриваат, неразделив од социјалниот, идеолошкиот и политичкиот контекст на културата. Со оглед на фактот дека културолошките студии како значајна интелектуална и критичка практика секогаш се ангажирани и позиционирани одоздола и од маргините, и темата на оваа конференција има за цел да ја преиспита популарната култура како поле на односи на сили кои вклучуваат центри и периферија, статусна хиерархија, врски со нормите кои наметнуваат репресија или маргинализација, но и да ја анализира и критикува културната продукција и да создава нови врски меѓу различните културни форми во секојдневниот живот. 

Ако една од задачите на културолошките студии е да ги анализира и проценува вредностите на културата сфатена како севкупен начин на живот, материјален, интелектуален и духовен (Вилијамс), со оглед на различните социјално-артикулирани начини на живот, механизмите на онеправданост и повластеност, доминантни и потчинети класи или интересни групи, тогаш очигледно е дека секоја од нив на свој начин располага со значењата, вредностите и идеите, секоја има свои верувања, обичаи и навики, свои текстови и значeнски практики. Оттука, културата не се перципира како единствена, туку таа е елитна и популарна, висока и ниска, што упатува на динамиката на општествената моќ и на нејзиниот различен распоред, па и утврдувањето на прашањето на вредноста треба да се разгледува во овие рамки. Во склад со сите овие напомени, како можни теми на конференцијата ги посочуваме следните (иако не се ограничуваме исклучиво на нив):

  • Прашањето на вредноста во културата – Kритериуми/аргументи за oдредување на вредноста во културата; Апсолутни и универзални наспроти субјективни вредности на критиката; Вредноста на популарната култура наспроти елитната и висока култура; Популарната култура како арена на хегемонијата; Aвтентичноста на популарната култура наспроти индустријата и профитот; Канонот на популарната култура и негова промена низ генерациите; Дали поделбата на елитна и популарна култура треба да биде заменета со поделбата на квалитетна популарна и неквалитетна популарна култура? 
  • Популарната култура како култура на масовното општество – Толкување на различните форми на популарната култура; Конзумеризам и производство на забава; Културата како пазарна стока за масовна потрошувачка; Економски аспекти на поп-културата; Идеологијата на мас-културата; Хиерархија, вкус и кич; Хибридни облици и начини на отпор низ ритуали (супкултура); Пресврт кон историски премолченото; Клишето како средство на хегемонија; Концептот на активна публика; Мас-медиумите и дигиталната/сајбер култура; Културни индустрии.
  • Популарната култура како место на отпор – Популарната култура и феминизмот; Популарната култура и постмодернизмот; Популарната култура и новиот елитизам; Популарната култура наспроти политичките и идеолошките концепти; Популарната култура во педагошките практики (демократизација на академските облици); Речникот на популарната култура итн.

Јазик на конференцијата:

Англиски и македонски јазик (со обезбеден превод на англиски од страна на авторот).

 

Распоред на активности:

Јавен повик на трудови – 20 февруари 2014

Рок за поднесување пријави – 15 мај 2014

Рок за прифаќање на трудови – 20 јули 2014

 

Котизација: 

Редовна цена - 40 евра (во денарска противредност); 

Повластена цена за студенти/невработени - 20 евра (во денарска противредност).

(Напомена: Средствата ќе бидат искористени за публикување на материјали за конференцијата (програма на конференцијата и книга на апстракти) и Зборник на трудови од конференцијата, како и свечен коктел при отворањето, кафе и освежување за време на паузите.)

 

Уплата на жиро с-ка на Институтот за македонска литература - Скопје:

банка на примачот: НБРМ 

сметка: 100000000063095 

сметка на буџетски корисник: 1600115059  787  16 

приходна шифра: 725939 и програма 72

цел на дознака: котизација за конференција 2014

Одборот дополнително ќе обезбеди информации за локацијата на конференцијата, сместувањето на учесниците, како и пропозиции за објавување на трудовите во зборник.

Контакт: Дарин Ангеловски и  Сарита Трајанова

e-mail: This email address is being protected from spambots. You need JavaScript enabled to view it.

 

Сметка

 

 

Апликација