Menu

Четврт меѓународен конгрес на Европската мрежа за компаративни студии - во организација на Институтот за македонска литература – Скопје

New Aktivnost 6 - sl.1Четвртиот меѓународен конгрес на Европската мрежа за компаративни студии се одржа во  Скопје и Охрид во периодот 1-3 септември 2011 година. Институт за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, овој конгрес го организираше во соработка со ДККМ (Друштво за компаративна книжевност на Македонија) и со REELC-ENCLS (Европската мрежа за компаративна книжевност). 

На овој меѓународен компаративистички собир  на тема Книжевни дислокации / Literary Dislocations / Deplacements litteraires учествуваа околу деведесет научници, од кои над педесет пристигнаа од 26 различни земји од Европа и пошироко (по неколкумина од Шпанија, Ирска, Исланд, Словенија, Франција, Австрија и др., како и од Индија, Тајван и САД). Научната работа на собирот беше посветена на проблематиката на значењето на просторните координати во формирањето и трансформирањето на културните идентитети. Како локацијата сфатена во географска смисла ги добива понатамошните социолошки и културни специфики; како географското место влијае врз културната продукција и во тие рамки особено на книжевноста; како менувањата на просторите и границите се рефлектира врз книжевниот дискурс (на пример проблематиката на егзилот, дијаспората, номадизмот во литературата и уметноста) се прашањата врз кои се задржа вниманието на култулорозите и книжевните компаратисти од европската мрежа за компаративни книжевни студии. 

New Aktivnost 6 - sl.2  New Aktivnost 6 - sl.3 

Работата на овој меѓународен конгрес се одвиваше на англиски и на француски јазик, во 11 сесии, и тоа:

- Аспекти на дислокациите - во која се разгледуваа посебните теоретски пристапи кон прашањето на релацијата географски простор наспрема културата и во која се дефинираа најважните концепти поврзани со оваа проблематика, како што се детериторијализација, егзил, потекло, дом, миграција;

- Локација и идентитет - во која се третираше идентитетската база на географската лоцираност, конструирањето на идентитетите и нивната нестабилност поврзана со топосот;

 - Егзил, миграција, дијаспора – која ги проследи влијанијата на феномените на миграција, егзил, дијаспора врз книжевното творештво и врз другите уметности;

- Европа наспрема не-Европа – која содржеше неколку текстови посветени на поливалентноста на поимот на европски идентитет, се распрашуваше за надминувањето на европоцентричната перспектива и даде придонес во расветлување на постколонијалните аспекти на културата, како што е прашањето за негро-африканската култура и литература;

- Патопис – која се фокусираше на патописот како жанр во кој најексплицитно е претставена средбата со другоста и во кој дислокацијата го опфаќа просторното поместување како основа на книжевниот дискурс;

- Дислокации помеѓу реалноста и имагинацијата – која се занимаваше со релацијата помеѓу фактицитетот и фикцијата во уметноста и особено во литературата;

- Интермедијалност – која ги разгледуваше менувањата на локациите како менувања на различните медиуми, односно која поимот локација го поврза со конкретен медиум (филм, фотографија, книжевност, електронски медиуми, сликарство);

- Книжевен превод – која го толкуваше преводот како своевидна дислокација од една во друга јазично-културна средина и се распрашуваше за спецификите на мултикултурноста и повеќејазичноста;

- Митолошки, антички и балкански дислокации – во која доминираа темите поврзани со динамиката на просторот во митологијата и во античката литература како и во балканскиот социо-културен контекст;

- Поетики и автори на дислокација во која се разгледуваа конкретни автори кои во реалниот живот искусиле некој вид на менување на простор, односно миграција, и кои во своите книжевни поетики ја рефлектирале таа егзистенцијална состојба и, како последна

- Културните светци на европските национални држави – округла маса посветена на истакнати културни дејци од европските национални држави со кои се поврзува националната идентификација во одредени локалитети.

Погледнете ги трудовите во Зборникот: Зборник дисклокации