Menu

ОДБЕЛЕЖАН 30-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ НА ИНСТИТУТОТ ЗА МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРА - СКОПЈЕ

Институтот за македонска литература – Скопје одбележа 30 години од основањето со свечена академија и меѓународен научен собир во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје.

New Aktivnost 5 - sl.1На свечената академија, одржана на 7 ноември се доделија плакети и благодарници на институции и поединци, кои дадоа придонес во основањето, развојот и афирмацијата на Институтот. Инспиративни обраќања во чест на јубилејот имаа министерот за образование и наука м-р Панче Кралев, ректорот на Универзитетот проф. д-р Велимир Стојковски и деканот на Филолошки факултет „Блаже Конески" проф. д-р Максим Каранфиловски. Директорката на Институтот проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева го претстави 30-годишниот развоен период на Институтот. Во рамите на одбележувањето се одржа свеченото доделување на звањето почесен доктор Doctor Honoris Causa во областа на филолошките науки на проф. д-р Горан Калоѓера од Универзитетот во Риека.

Меѓународниот научен собир на тема Македонскиот идентитет: литература, јазик, историја, култура, кој се одржа на 7 и 8 ноември 2011, овозможи презентација на нови истражувања за македонскиот идентитет од аспект на повеќе научни дисциплини: литература, историја, јазик, фолклор, археологија, етнографија, социологија, филм, музика, сликарство, културна политика итн. На собирот учествуваа научни истражувачи од: Институтот за македонска литература, Институтот за македонски јазик, Институтот за национална историја, Институтот за фолклор, Филолошкиот и Филозофскиот факултет, Факултетот за драмски уметности, Институтот за етнологија и антропологија – ПМФ, НУ Музеј на Македонија, НУ Кинотека на Македонија, МАНУ (Лексикографски центар), Факултетот за музичка уметност како и од сродните факултети и научни институти од Хрватска, Србија, Полска, Словачка, Чешка, Бугарија, Русија, САД, Швајцарија. Работата на научниот собир се одвиваше во 8 секции, во кои учесниците водеа богати дискусии при што беше реализирана конструктивна размена на научни сознајби. Претходното објавување на научните трудови во два тематски броеви на меѓународното научно списание СПЕКТАР на Инстититутот за македонска литература се покажа како позитивно искуство кое овозможи успешна реализација на собирот.

Одржаната тркалезна маса на тема „Културолошките студии денес", на која зедоа учество професори од Филозофскиот факултет при Универзитетот во Риека и од Факултетот за кроатистика во Загреб овозможи размена на искуства и сознанија за осовременување на студиските програми за културолошките студии на универзитетите во двете земји. Презентираните трудови на оваа тркалезна маса ќе се објават во институтското меѓународно списание „Context / Контекст". Двете списанија ќе бидат дистрибуирани во домашните и странски библиотеки и научни центри.

Одржувањето на свечената академија и на меѓународниот научен собир во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" овозможи тие да се здобијат со соодветно внимание во научната и културната јавност.

New Aktivnost 5 - sl.2  New Aktivnost 5 - sl.3