Menu

Успешно одржан првиот собир на македонско-словачка соработка

New DSC 0496Првиот меѓународен собир „Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски“, се одржа на 28 и 29 ноември 2013 година во Нитра, Р. Словачка. Собирот го организираа Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра. Ова е прв позначаен и организиран проект, во рамките на соработката помеѓу овие два универзитета, воспоставена во 2008 година.

Покровител на собирот беше министерот за култура на Република Словачка г. Марек Маѓарич. Во Република Македонија, собирот е дел од проектот Христијанската традиција во македонско-словачките духовни и културни врски, поддржан од македонското министерство за култура.

На собирот учествуваа повеќе истакнати професори, научници, писатели од Македонија и Словачка, како и дипломатски претставници. Тие придонесоа за остварување на приоритетните цели на овој научен собир: поттикнување на македонско-словачките книжевни, културни и јазични поврзувања, афирмација на македонската култура во словачката средина и одбележување на големиот јубилеј 1150 години од Моравската мисија, настан кој ги обединува двете култури. Се отворија дискусии за: 

културолошки теми од областа на проследувањето на кирилометодиевското наследство во македонската и словачката книжевна средина и пошироко во славистичкиот свет;

преводите во доменот на современата македонско-словачката книжевна комуникација и за 

рецепцијата на сознанијата за најновита книжевна продукција во двете културни средини. 

Се одржа промоција на значајни книжевни изданија, меѓу кои македонските изданија со оваа проблематика – финансиски поддржани од Министерството за култура (Звонко Танески: Македонско-словачки компаративни согледби, Скопје 2012; Konštantinovе listy, 2013, списание со македонско-словачка редакција; Маја Јакимовска-Тошиќ: Средновековни книжевни и културни модели, Скопје 2013, како и на меѓународните списанија на Институтот за македонска литература: Спектар 61 и 62/2013, Контекст 10 и 11 и Филолошки студии).

Презентираните излагања на учесниците ќе се објават во посебен зборник на научни трудови.