Menu

Промоција на Антологија на македонската книжевност

antologija1

Промоцијата на Антологијата на македонската книжевност (книжевни остварувања од IX до XVIII век) ќе се одржи во Друштвото на писателите на Македонија на 24 декември 2014 година, со почеток во 12.00 часот. За ова антологиско издание на Институтот за македонска литература во Скопје ќе говорат д-р Веле Смилевски, д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и д-р Александар Прокопиев.

 

Изданието Антологија на македонската книжевност вклучува избор од најзначајните книжевни остварувања продуцирани во долгиот временски период од македонскиот книжевен и културен развој од IX до XXI век. Во Антологијата е отсликан книжевно-историскиот развој на македонската литература преку дејноста на светите Кирил и Методиј, светите Климент и

Наум Охридски од крајот на IX век па сè до творечката продукција до крајот на XVIII век; највпечатливите примери од македонското фолклорно творештво претставено преку богатството од народни песни, приказни, кратки фолклорни жанрови; продуцираната македонска литература во XIX век во чии специфични историски околности егзистирале македонските преродбеници; литературните фрагменти кои ја илустрираат македонската литература од првата половина на XX век со доминацијата на нејзиниот ангажиран реализам; изборот од современата македонска поезија, современата романсиерска продукција, современиот македонски расказ и современата македонска драмска продукција. Изданието со ваквиот концепт ги претставува, во интегрален или фрагментарен вид, најзначајните остварувања во македонската книжевна продукција од сите периоди на нејзиниот развој – од средновековниот до современиот. За таа цел соработниците во Институтот за македонска литература – Илија Велев, Маја Јакимовска-Тошиќ, Марко Китевски, Валентина Миронска-Христовска, Јасмина Мојсиева-Гушева, Наташа Аврамовска, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Соња Стојменска-Елзесер и Мишел Павловски приредија Антологија која со својата концепција и содржина претставува прва антологија од ваков вид во македонската книжевна и културна средина. Вака приредената Антологија на македонската литература има за цел афирмација на македонската литература во регионалната и во пошироката светска културна јавност.

Преземи покана за промоцијата >>>