Menu

Добитникот на светската награда за хуманизам во посета на Институтот за македонска литература

DSCN1280-2

Добитникот на светската награда за хуманизам проф. д-р Дарко Гашпаровиќ оствари средба со директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ. Истакнатиот хрватски славист и драматург Дарко Гашпаровиќ на Институтот му го подари неговото дело објавено на македонски јазик „Писмото низ вековите“ кое ја лоцира Охридската книжевна школа како еден од главните центри на европската културна цивилизација. Честитајќи му го големото признание, директорката Маја Јакимовска-Тошиќ го изрази своето задоволство што овој настан е во рамките на интернационалното одбележување на 1100 години од упокојувањето на Св. Климент Охридски, основоположникот на Охридската книжевна школа и афирматорот на словенската цивилизација, култура и писменост во Македонија. Таа изрази уверување дека ќе продолжи развивањето на интензивните македонско-хрватски книжевни и духовни врски, кои имаат заедничка традиција преку билатералните научни конференции, на секои три години, одржувани во Скопје и Риека. Во очекување е следната конференција која ќе се одржи во Хрватска, родната земја на лауреатот на наградата на Охридската академија на хуманизмот и долгогодишен пријател на Институтот за македонска литература проф. Дарко Гашпаровиќ.

Скопје, 21.1.2016