Menu

Институтот за македонска литература застапен на меѓународната конференција на УГД - Штип во чест на Св. Климент Охридски

Маја1

Деновиве, 23 и 24 јуни 2016 на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип се одржува меѓународната научна конференција Климентовото дело (јазик, литература, образование, култура). Проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и проф. д-р Илија Велев, специјалисти за средновековна македонска литература од Институтот за македонска литература учествуваа на оваа конференција и дадоа свој прилог кон големиот јубилеј - 1100 години од смртта на Св. Климент Охридски, основоположник на Охридската книжевна школа и афирматор на словенската цивилизација, култура и писменост во Македонија.
Директорката д-р Маја Јакимовска-Тошиќ настапи со пленарниот реферат „Просветната и книжевната програма на Св. Климент Охридски согледана во дејствувањето на Охридската книжевна школа“. Таа во своето инспиративно обраќање истакна „Годинава е еден мошне значаен јубилеј, 1100 години од упокојувањето на Климент Охридски, редок и значаен за сите нас како негови следбеници, кои се занимаваме со изучување на средновековната литература на овие простори. Делото на Климент Охридски секогаш претставува една мошне голема инспирација. Фактот дека 1100 години не престанува интересот за неговото творештво и кон она што претставува климентовска и кирилометодиевска традиција во светски рамки, доволно говори за годинашната голема прослава на овој јубилеј, особено што денеска и овде, на УГД, се одбележува со еден ваков научен симпозиум, на кој соработниците, колегите и истражувачите на средновековната литература ќе проговорат за некои познати, но и нови аспекти за животот и делото на Свети Климент Охридски.“ 
Д-р Илија Велев настапува со пленарниот реферат на тема „Свети Климент Охридски и втемелувањето на Брегалничката книжевна традиција“.

Подетално за конференцијата

Програма