Menu

Меѓународен научен собир со дебата „Културата на распродажба: Конзумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти“

fotoKulturata na rasprodazba

Меѓународниот научен собир со дебата Културата на распродажба: Консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти се одржува по повод јубилејот 10 години културолошки студии при Институтот за македонска литература во Скопје.

Собирот ќе се одржи на 28 и 29 ноември 2018 година во просториите на Институтот за македонска литература.

Темата на собирот е исклучително актуелна и се однесува на научно проследување на културата во Македонија од аспект на нејзината релација со пазарното општество и актуелните општествени процеси врзани со консумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти. Целта е да се прикажат карактеристиките на потрошувачката култура, културата во која сите симболи, вредности, верувања и норми се одредени од конзумеризмот и вкусот на масовната публика, од спектакуларната визуелизација и гламурозното прикажување на културните продукти и сеопфатноста на потрошувачката. Притоа, ќе бидат отворени повеќе провокативни прашања како проценка на уметноста,  конзумирање и инвестирање во уметноста, економија на наградите во културата, културните продукти во интернационалниот пазарен систем, бестселери и блокбастери, новата технологија и промените во перцепциите за уметничката вредност, новите медиуми итн.

На собирот ќе учествуваат триесетина професори, научници, културни работници и експерти од повеќе сфери на културата, како и постдипломци и докторанти на културолошките студии, со што ќе се отвори академска и поширока јавна дебата по овие значајни прашања и ќе се понуди современа анализа на културата во Македонија во однос на пазарното општество. Имајќи ги во предвид различните профили на учесниците, собирот ќе биде интердисциплинарен по својот состав, вклучувајќи историчари на уметност, медиумски работници, културолошки истражувачи, писатели, издавачи, филозофи, адвертајзинг и маркетинг стручњаци итн.

Организационен одбор: д-р Ана Мартиноска, претседателка на Oдборот, д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на ИМЛ, д-р Соња Стојменска-Елзесер, д-р Александар Прокопиев и м-р Билјана Јоновска-Стефковска, секретар

Програма за собирот