Menu

Одржан научниот собир „УРБАНИ КУЛТУРНИ ИДЕНТИТЕТИ – СКОПЈЕ И ИСТАНБУЛ“

Poster Istanbul

Институтот за македонска литература во соработка со Истанбулскиот универзитет - Факултетот за литература, Катедра за словенски јазици и литература и Катедра за македонски јазик и книжевност организираше симпозиум Урбани културни идентитети - Скопје и Истанбул кој се одржа од 13 до 15 ноември 2019 година во просториите на Истанбулскиот универзитет во Истанбул. Овој симпозиум се реализираше во рамките на меѓународниот проект под истиот наслов, поддржан од Министерството за култура на РС Македонија.

Организатори за реализација на проектот и на научниот сипозиум се: Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Факултетот за литература, Катедра за словенски јазици и литература, Катедра за македонски јазик и книжевност при Истанбулскиот Универзитет

Организационен одбор: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ проф. проф.  д-р Соња Стојменска-Елзесер, проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, проф. д-р Наташа Аврамовска, проф. д-р Емине Инанир, проф. д-р Ѓонул Узелли, д-р Корхан Корбек, м-р Билјана Јоновска Стефовска (секретар), м-р Марина Цветаноска (секретар), м-р Јулва Мухурчиши (помошник) и м-р Ирен Дилара-Конгас (помошник)

     Отворањето на симпозиумот беше на 13 ноември со почеток во 11:00 часот. На присутните гости и учесници на отворањето на собирот со поздравни говори им се обратија: проф. д-р Емине Инанир, раководител на Катедрата за словенски јазици и литература при Факултетот за литература, Истанбулски универзитет, проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, директорка на Институтот за македонска литература, проф. д-р Хајати Девели, декан на Факултетот за литература, Истанбулски универзитет, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски, проф. д-р Махмут Ак, ректор на Истанбулскиот универзитет, д-р Актан Аго, генерален конзул на Република Северна Македонија во Истанбул, Р Турција и г-дин Звонко Муцунски амбасадор на Република Северна Македонија во Анкара.
     Излагачите во поздравните говори упатија честитки за иницијативата и идејата за одржување на ваков симпозиум посветен на урбаните културни идентитети – Скопје и Истанбул, што беше замислен како проект меѓу двете институции. Со овој симпозиум се продлабочи билатералната соработка со културните, образовните и научните центри на Р С Македонија и Р Турција и се подвлекоа традиционално добрите македонско-турски културни и книжевни врски. По свечениот и поздравен дел придружен со музичко-сценски настап во кој беа интерпретирани македонски и турски музички интерпретации, симпозиумот продолжи со работа според предвидената програма.
     На собирот беа пријавени деветнаесет учесници поделени во неколку тематски блокови: излагања од областа на јазикот и литературата и реферати од областа на историјата и културата. Учесниците во два дена презентираа исклучително интересни, актуелни и провокативни теми поврзани со јазичните, историските и културните врски помеѓу двата града Скопје и Истанбул, со меморијата за застапеноста на топосот Истанбул во делата на Матеја Матевски и Тарик Туфан, со одразот на овие релации во македонската и турската народна и современа поезија, понатаму со компаративните споредби на влијанието што го имаат градовите во творештвото на Владимир Јанковски и кај А. Х. Тампинар, во книжевните светови на Луан Старова итн.. Дел од текствите не вратија и во минатото кога започнала да се остварува врската помеѓу овие два града, уште во времето на Византија, преку 16 век движејќи се кон модерната историја на 19. и 20. век, во кои се вклучени промислувањата за отоманските споменици како дел од културната и туристичката промоција на Скопје, како и за карактеристиките и улогата на Скопската чаршија. Во преостанатите текстови беа презентирани и клучните културни врски од 20 век како што се: за придонесот на научниците од Скопје во научниот и културниот живот во Истанбул, за улогата на Турскиот театар на културната сцена во Скопје, а овие релации претставени се и преку сродноста во музичката интерпретација и музичките инстументи, како и преку уметничкото творештво на Сабри Беркел, ликовен уметник по потекло од Скопје.
     На симпозиумот учествуваа еминентните професори, научници и културни практичари од повеќе релевантни институции од Македонија и Турција.
     Учесниците на симпозиумот придонесоа да бидат актуелизирани, разгледани и коментирани различните културни прашања поврзани за двете пријателски земји односно беа презентираат видувања за урбаниот концепт на градовите Скопје и Истанбул
     Последниот ден од реализација на проектот беше предвиден за посета на повеќе музеи како и на музејот Долма Бахче.
     На затворањето на симпозиумот беше констатирано дека проектот е успешно реализиран, дека посетеноста беше исклучително голема и над вообичаените бројки, како и дека ќе се памети по квалитетни излагања и дискусии на поставени теми.

ПРОГРАМА за симпозиумот

 

BSR 2927      BSR 3128 

   DSC 3293