Menu

ПРОМОЦИЈА НА „КУЛТУРАТА НА РАСПРОДАЖБА: КОНЗУМЕРИЗМОТ И КОМЕРЦИЈАЛИЗАЦИЈАТА НА КУЛТУРНИТЕ ПРОДУКТИ“

Kulturata na rasprodazaba  kulturata na rasprodazba logo

Промоцијата на Зборникот на трудови Културата на распродажба: Конзумеризмот и комерцијализацијата на културните продукти ќе се одржи на 20 февруари 2020 година во 12.00 часот во просториите на Институтот за македонска литература.

Овој Зборник е резултат на Меѓународниот научен собир со дебата „Културата на распродажба: Конзумеризмот и комерцијализацијата на културните  продукти“, одржан во Институтот за македонска литература  на 28-29 ноември 2018 година, а објавен во декември 2019 година. Главни уредници на изданието се професорките д-р Ана Мартиноска и д-р Маја Јакимовска-Тошиќ од Институтот за македонска литература, а  извршен уредник е м-р Билјана Јоновска-Стефковска. Изданието е објавено со материјална поддршка на Министерството за култура.
Веруваме дека Зборникот ја оствари својата цел за научно проследување на културата од аспект на нејзината релација со пазарното општество и актуелните општествени процеси врзани со конзумеризмот и комерцијализацијата на уметничките и културните производи. Создаден е како плод на една исклучително продуктивна дебата по повод 10 годишниот јубилеј од Културолошките студии во нашиот Институт. Дискутиравме за тоа дека денес има сè помалку нешта што не се на продажба, а потрошувачката не опфаќа само консумирање на предмети и услуги туку и на вредности, идеи, медиумски и уметнички претстави и слики итн. Од друга страна, прашањето на комерцијализацијата е прашање на индустрија и бизнис, во кои културата е само средство. Тоа нè доведе до дилемите за вредноста, стандардите и уште ред други горливи прашања на кои нема едноставен одговор, ниту само еден „виновник“ за распродажбата на културата.
Во духот на културолошките студии и нивната долга традиција на промовирање на теоретска бука и разногласие не сакавме Зборник само за одбрани и докажани професионалци од областа туку претпочитавме отворен концепт што ќе им овозможи гласност и на сите други заинтересирани, во и надвор од академската средина. Затоа, во Зборникот ги имаме нашите постдипломци и докторанди, имаме голем број научници од повеќе области – културолози, филолози, естетичари, историчари на уметноста, но и луѓе кои не се дел од академијата - писатели, издавачи и сл. Различните профили на авторите значат и широк опфат на теми во Зборникот, па меѓу другото, во него можете да прочитате за теоретските и историските перспективи на конзумеризмот, естетизацијата и деестетизацијата на културата и уметноста, комерцијализацијата наспроти естрадизацијата, новите технологии и нивната улога во културната економија, културното наследство и вредносните канони, како и голема група прашања врзани за книжевната вредност, книжевните класици, современите бестселери, онлајн продажбата, издаваштвото и др. Провокативни беа и промислувањата на теми врзани со музиката – од рокенролот, џезот до филмската музика, потоа оние од сферата на танцот, виртуелната уметност, медиумите, супкултурата… Притоа, сите овие процеси беа анализирани во глобален контекст, но во голема мера и локално, со желба да се проследи до каде се оди со комерцијализацијата на културата во актуелниот миг во Македонија, колку овие процеси ја соголуваат културата од нејзината основна суштина и ја менуваат за потребите на пазарот.

Содржина:

Ана Мартиноска
Теориски перспективи на супермаркет културата - Блескава фасада и новокомпонирани вредности
Димитрије Големовиќ
Дали култура треба и може да издржава саму себе?
Иван Џепароски
Убавина на продажба: деестетизација на уметноста и естетизација на секојдневното
Маја Јакимовска-Тошиќ
Културното наследство и вредносните канони
Антоанела Петковска
Конзумеризмот во услови на културна траума
Лорета Георгиевска-Јаковлева
Културата против/и пазарот: од историјата на културолошките студии во Македонија
Африм Реџепи
Естетиката дизајнот
Јасмина Мојсиева-Гушева
технологии и нивната улога во културната економија (историски преглед)
Николинка Нолевска
Влијанијата на новата технологија, конзумеризмот и комерцијализацијата врз сензомоторниот развој на децата од најрана возраст
Младен Марковиќ
Правим музику у фазону – како је пропао ROCK’N’ROLL (у Србији)
Александар Трајковски
Дали музиката може да го „продаде“ филмот? (Преку примерите во македонската конематографија)
Славчо Ковилоски
Како една супкултура може да стане мејнстрим (Врз примерот на хип-хопот)
Сарита Трајанова
Вредноста на културниот производ
Биљана Рајчинова-Николова
Медиумите и репрезентацијата на медиумско содржинската депонија
Татјана Миљовска
Креативните принципи на Кандински и Малевич  и соочување со консумеризмот
Крсте Господиновски
Анимација – индустрија и/или културно наследство
Елизабета Шелева
Лајковина татковина (критички пролог кон феноменот на инстант литературата)
Соња Стојменска-Елзесер
Што е книжевна вредност
Александар Прокопиев
Кои се македонските прозни класици?
Гоце Смилевски
Караоке културата низ визурата на Дубравка Угрешиќ
Славица Петровска
Современите бестселери и онлајн продажбата
Дејан Трајкоски
Уредниците во издаваштвото конзумирани од комерцијализација