Ден на сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј
Институтот за македонска литература со Културолошките студии, како дел од високообразовната програма на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ со своите постдипломци и докторанти и со пошироката културна јавност споделува празнично чествување на Денот на сесловенските просветители.
Просветителските и дипломатските мисии на светите Кирил и Методиј во IX век, збогатени со прогресивните идеи на Константин Филозоф, за правото на секој народ да зборува, пишува и проповеда на својот јазик, од балканскиот, и поточно од македонскиот простор, се рефлектирале многу пошироко како безвременска порака до другите европски народи - да го следат примерот на Словените во борбата за писменост на свој јазик.
На делото на светите Кирил и Методиј се темели долговековната македонска писмена традиција со свои одделни специфики, изразени во богатството на македонскиот литературен јазик, литература и култура.
Св. Кирил и Методиј, минијатура од Радзивиловскиот летопис, 1490 г. (Санкт Петербург, АН, сигн. 34.5.30)