Menu

ТРАЈКО КИТАНЧЕВ (Книжевна, културна и револуционерна дејност)

Trajko Kitancev2Валентина Миронска-Христовска: Трајко Китанчев (книжевна, културна и    револуционерна дејност)

  Институт за македонска литература, Скопје 2015
  Димензии 21 см
  Број на страници 193 
  ISBN 978-608-4744-04-7
  Цена 300,00 ден.

Монографијата од Валентина Миронска-Христовска претставува новина во македонската литературна историја и очекуваме дека ќе предизвика интерес и провокација бидејќи за првпат ни се дава можност да се запознаеме со ликот и делото на овој автор од 19 век. Значењето на трудот би го оцениле и со тоа што тој е прво дело посветено на литературното творештво на Китанчев, како и на неговите политички, идеолошки и револуционерни активности. Од посебно значење би ги истакнале презентациите на поемата „Дедо Недело“, „Марко Крале“ како и преостанатите 34 песни, потоа студијата „За акцентот на зборовите во ресенскиот говор од западно-македонското наречје“; како и критичкиот осврт за „Сервантес и неговиот Дон Кихот“ со што се збогатуваат нашите сознајби не само за овој автор туку и воопшто за развојните текови во македонската литературна и критичка мисла уште од 19 век.
Во трудот од Валентина Миронска-Христовска преку опсежното проследување на политичката и револуционерната заложба на Трајко Китанчев ни се дава и слика за почетоците на обединувањето како и на разединувањето на македонската емиграција, настани кои биле од пресудна важност за македонското револуционерно дело. Воедно Миронска-Христовска прави и обид точно да го лоцира т.е. да го постави и местото на Китанчев во македонските друштва. Поделеноста на трудот на четири стожерни поглавја во кои се проследени општествено-политичките прилики во Македонија и политичката активност на Китанчев, како и поглавјето со неговите биографски податоци и поглавјето за неговото литературно дело, ќе овозможат трудот да најде место во македонската наука за литература и за историја.