Menu

ЗА ПЕСНИТЕ И ПРИКАЗНИТЕ од Наташа Аврамовска

Natasha Za pesnite i prikaznite 2020 Predna

Институт за македонска литература, Скопје, 2020
Димензии 21 см
Број на страници 191
ISBN 978-608-4744-23-8
Цена 300,00 ден.

Проследувањето на македонската современа проза и поезија во монографијата За песните и приказните од Наташа Аврамовска е реализирано на два начина во одделните студии.
Од една страна, проследени се одделни творечки пројави и опуси, од друга страна, пак, проследени се текови и тенденции на современата македонска продукција (тематски, жанровски или контекстуално од аспект на културни парадигми на денешницата или актуелни комуникациски практики).
Двата приода се комплементарни, се надоврзуваат во измената на „читањето одблизу“ и контекстуалниот прочит низ одредена проблемски зададена оптика (жанровска, родова, тематска, компаративна – наспрема другите литератури, или со оглед на глобалниот книжевен пазар и културен миг).
Проследувања се приредени во посебни потпоглавја коишто се сосредоточени одделно врз поетските, прозните и други тематски аспектирани односно контекстуални проследувања.
Уводната студија, го испишува односот на современата македонска проза и поезија кон традицијата овде синегдохично означена во ликовите на првоучителите (седмочислениците), и дава широка панорама на жанровски разновидната современа македонска книжевност во нејзината тематизација на нивните ликови, во чиешто дело се испишани нејзините почетоци.
Во извесна смисла, оваа уводна студија ги евоцира вековите и дамнините пред да започне во одделните студии да го испишува „текуштиот миг“.
Во поглавјето: „Приказни на глобалниот пазар, сцена и арена“, во три студии се проследени најпрвин, промената на раскажувачката парадигма на глобалната културна сцена, та во дадениот контекст, македонската прозна продукција наспрема другите, како и свртувањето кон (псевдо) автобиографскиот роман односно романот на одраснувањето кај младите генерации македонски раскажувачи.
Поглавјето „Женската меморија на Балканот“ е диптих (две студии) од кои во едната „одблизу“, а во другата „панорамски“, родово се осветлува локалниот топос на Балканот и спецификите на „женската“ меморија во дадениот контекст.
Третото поглавје проследува пет современи прозни автори од светската литература, од коишто секој на свој начин, истовремено одбележува значаен, пресвртен културен миг на својата матична култура (со протежност и актуелност и денес), но и на глобалната, светска сцена во нејзината разноликост.
Во дванаесетте проследувања на поглавјето „Поетски гласови“ проследени се одделни поетски современи огласувања, коишто го огласуваат актуелниот миг на поетскиот сензибилитет на македонската сцена во опсегот меѓу чистата лиричност и „контаминацијата“ на лириката: парадигматски (во насока на нејзина наративизација) и тематски (со имаголошки, социјални, историски и други референци).Завршната студија панорамски проследува имаголошки аспект на современата македонска поезија.
Монографијата, во следот на одделните студии и поглавја, мозаично, притоа доследно, го исцртува актуелниот миг на македонската прозна и поетска продукција во сукцесивната измената на „читањето одблизу“ и оддалеченото панорамско проследување.