Menu

КРИТИКА И МОЛК: ЧИТАЊЕ НА МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА И КУЛТУРА / CRITICISM AND SILENCE: READING OF MACEDONIAN LITERATURE AND CULTURE

kritika

Зборник на трудови од Меѓународната научна конференција Критика и молк: читање на македонската литература и култура (МАНУ, 7 и 8 ноември 2016) 
Уредници: Соња Стојменска-Елзесер, Маја Јакимовска-Тошиќ и Сарита Трајанова

Институт за македонска литература, Скопје, 2017
Димензии 25см
Број на страници 485
ИСБН 978-608-4744-08-5
Цена 500,00 ден.

ЗБОРНИК (електронска верзија)

    Овој зборник ги опфаќа трудовите што беа презентирани во рамките на Меѓународната научна конференција Критика и молк: читање на македонската литература и култура, одржана на седми и осми ноември 2016 година во просториите на Македонската академија на науките и уметностите во Скопје, во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Културолошките студии во книжевноста при оваа установа. Конференцијата претставуваше сегмент од одбележувањето на 35-годишниот јубилеј од основањето на Институтот за македонска литература, кој со својата целокупна дејност директно е вклучен во детектирањето, негувањето и научното проследување на трајните вредности на македонската литература и култура. 
Со инспиративни излагања во плодотворна дискусија на оваа конференција беа вклучени педесетина македонски и странски проучувачи на литературата и културата, професори и критичари од разни академски центри, но и проследувачи на книжевноста и уметностите од пошироката македонска културна сфера.
 Во фокусот на вниманието на конференцијата беше поставено прашањето за тоа како се препознаваат, како се негуваат и како се обликуваат трајни вредности во културното и книжевното живеење. Процесите на толкување и валоризација на современата култура, и во национални рамки и на глобално ниво, стануваат сè пообременети од вонестетски чинители, како што се: позиционираноста на моќта, консумеристичката доминација, идеолошките и политичките контексти, книжевните моди, различните групирања, културниот пазар, цензурата и табу-темите и сл. Критиката, како во литературата така и во другите уметности, се модифицира и се оддалечува од класичниот познат модел, се видоизменува или сосема изостанува. И самата естетска валоризација се сведува на прашање на вкус, индивидуален или на одредени толкувачки заедници, така што функцијата на критиката, било да се работи за академска, новинарска или критика изложена на социјалните мрежи, се проблематизира, релативизира или сосема се девалвира. Ваквата културна ситуација овозможува развивање на култура без аксиолошки параметри, од една страна, и губење и понирање во заборав на одредени традиционални вредности, од друга страна. 
Засегнати од контроверзите на овие состојби, учесниците на конференцијата развија дебата во која дојдоа до израз следните теми: улогата на критиката во современата македонска култура; прашањето на методот во критиката; критиката како креација; критиката во медиумите; новите медиуми и нивниот импакт врз вредносните системи; ревизии и превреднувања; хегемонија и/или демократизација во културата; цензура и табу-теми, субјективизам во критиката, културата во пазарното општество, книжевните награди и полемики; книжевните саеми и фестивали; книжевните институции и книжевната алтернатива, книжевните списанија и многу други. 
Реализираната конференција со богатството на пристапи, опсервации и идеи претставува сериозен чекор напред кон детектирање и надминување на аномалиите на критичката мисла во македонската култура и трасирање на нејзините перспективи, поради што беше проследена со големо внимание, поддршка и медиумски одгласи од пошироката јавност. Трудовите презентирани на оваа конференција во оваа книга се објавуваат интегрално, со верување дека ќе поттикнат понатамошно продлабочување на критичкото читање на македонската литература и култура и ќе учествуваат во градењето и континуираното негување на системот на книжевни и културни вредности.

                                                                                                                            Од уредниците