Menu

МАКЕДОНСКИ КНИЖЕВЕН ЛЕКСИКОН

Период на реализација: 01.01.2004 - 31.12.2006
Главен истражувач: д-р Веле Смилевски
Соработници: 24 научни работници (од Институтот за македонска литература и надворешни соработници)
 

Во реализирањето на проектот Македонски книжевен лексикон работи екипа од 22 научни работници, познати и осведочени специјалисти по предметната проблематика. Во овој проект се вклучени речиси сите научни работници од Институтот за македонска литература во Скопје, како и научни работници и универзитетски професори, во својство на надворешни соработници, од Филолошкиот факултет "Блаже Конески" и од Институтот за фолклор "Марко Цепенков" во Скопје. Предмет на научната работа се одредници од средновековната македонска литература, македонската народна литература, македонската литература од 19 век, македонската литература од првата половина на 20 век, современата македонска литература, како и прашања од доменот на теоријата на литературата и компаративната книжевност. Применет е соодветен научно-истражувачки метод со кој се фиксирани низа релевантни факти од македонската книжевна историја и истите се обработени и систематизирани според строгите норми на лексикографскиот пристап. Тоа овозможува, преку богата фактографија, да се прикажат особеностите и вредностите на македонската книжевност, како и нејзиниот континуитет остваруван низ различни фази на историски, политички, социјални и културни условености. Обработени се значајни личности, дела, појави, фази и настани во развојот на македонската книжевност од нејзините почетоци до денес. 

Во првата фаза од работата на овој проект (2000 - 2002) обработени се близу 600 одредници. Со оглед на важноста, комплексноста и првичноста на еден ваков зафат, во Институтот за македонска литература се донесе одлука, а со одобрение и поддршка на Министерството за образование и наука, се премина на втората фаза од три години (2004 - 2006) за натамошни детални истражувања и надополнувања на досегашната материја со уште околу 400 единици без кои не може да се има комплетна и реална слика за развојот и континуитетот на македонската литература од нејзините почетоци до денес.