Menu

ПРОГОНОТ ВО МАКЕДОНСКАТА ЛИТЕРАТУРА

Период на реализација: 01.10.1999 - 30.09.2002
Главен истражувач: д-р Јованка Стојановска
Соработници: д-р Веле Смилевски, д-р Васил Тоциновски, д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева

Преку проектот Прогонот во македонската литература на Одделението за македонска литература во 20 век, истражена е и научно елаборирана основната тематска преокупација на бројни автори и нивните дела од периодот помеѓу двете војни се до современите - најсовремените македонски писатели. Елаборирана е судбината на македонскиот човек низ автентичната приказна за талкањата и траумите на обездомените. Преку литературните дела се отсликани социјалните, економските, општествените и културните услови во кои живее Македонецот и преку него - претставени се сите прогони: самопрогон, социјален прогон, политички прогон. Задржувајќи се врз бројни индивидуални судбини од една колективна трагедија и респектирајќи го притоа реалниот факт како нужен фундамент на реалистичкиот третман на историските животни ситуации, целта на проектот е тие да се доближат и творечки да се расветлат пред свеста на современоста. Темата прогон доби свој соодветен научен третман. Темата не се ограничува само на егзилот како насилно одземање на домот, огништето, татковината, туку добива пошироки димензии. При поставувањето на проблемот од гледна точка на односите кои владеат во релацијата : прогонувач - прогонет се доаѓа до прашањето на доминација, а доминацијата го поставува и отвора прашањето за облиците на прогонот. И затоа можеме да кажеме дека во тие облици спаѓа егзилот, идеолошкиот прогон, интелектуалниот прогон, самопрогонот. Научното елаборирање на темата прогон во македонската литература во 20 век ги опфати авторите и делата од периодот меѓу двете војни до најсовремените: истражено е творештвото и прогонот во него на Јован Д. Костовски, Асен Каваев, Јован Сербаковски, Кирил Манасиев, прогонот во романите на Ташко Георгиевски, Петре М. Андреевски, Петар Ширилов, Ката Мисиркова Руменова, Иван Чаповски, научно е проследена темата на прогон како состојба во која се одвива човековата егзистенција транспонирана во расказите на Ташко Георгиевски, Паскал Гилевски, Драги Михајловски, Живко Чинго, Васе Манчев, Влада Урошевиќ, Венко Андоновски, Александар Прокопиев.