Menu

ВИЗАНТИСКО-МАКЕДОНСКИ КНИЖЕВНИ ВРСКИ

Период на реализација: 01.01.2000 - 31.12.2002
Главен истражувач: д-р Илија Велев
Соработник: д-р Ѓорги Поп-Атанасов

Врз изготвувањето монографско претставување на Византиско-македонските книжевни врски работеше главниот истражувач и раководител на проектот д-р Илија Велев, а соработникот д-р Ѓорги Поп-Атанасов истражуваше врз темата Македонскиот превод на Библијата и византиско-грчката верзија на 70-мината. Монографски структуираниот труд Византиско-македонски книжевни врски во медијавистиката за првпат нуди историски и критичко-толковен научен пристап за 1000-годишниот феномен Византија и за нејзините духовни и културни рефлексии од македонистички аспект. Оправданоста за предметот на истражувањето стана приоритетна токму од сознанието дека, развојот на македонската книжевна историја и на творечките процеси што се одвивале во неа доследно не можат да се сфатат ако не се проследуваат нејзините непосредни врски со византиската книжевност. Или пак обратно, сликата за византиската книжевност целосно нема да се стекне во научноистражувачката претстава ако во нејзиниот развоен контекст не се согледаат извесните влијанија од македонската, а посредно преку неа и од другите јужнословенски книжевности. Оттука и целите на истражувањето се: научноистражувачко проследување на византиско-македонските книжевни врски и влијанија од доцниот антички, ранохристијанскиот и од средновековниот период во контекстот на општите и посебните културни и цивилизациски проникнувања на Балканот и пошироко во Југоисточна Европа.