Menu

Историјат

Во 1978 година покрената е иницијатива за формирање на Институтот за литература, од Слободан Мицковиќ, Душко Наневски и Данило Коцевски. Иницијативата е доставена до Републичкиот секретаријат за култура, преку кој се водела постапката за формирање на Институот. Особен придонес во формирањето на Институтот има проф. д-р Георги Сталев, тогашен републички секретар во Републичкиот секретаријат за култура (во денешно значење министер) и професор на Филолошкиот факултет. 

New FAN2012044Иницијативата е подржана од Катедрата за историја на книжевностите на народите на СФРЈ и Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет. Катедрата за историја на книжевностите на народите на СФРЈ за изготвување проект за формирање на Институтот за литература, формирала Комисија во состав: д-р Кирил Пенушлиски, д-р Александар Спасов и д-р Томе Саздов. Проектот е усвоен на седница на Катедрата на 4 јуни 1979 година и препратен до органите на Факултетот.
Филолошкиот факултет донел Предлог-одлука за формирање организациона единица Институт за литература на 25.12.1979 година. Предлог-одлуката е потпишана од тогашниот декан на Факултетот проф. д-р Лилјана Тодорова и претседателот на Советот на Факултетот проф. д-р Милан Ѓурчинов. По добиената согласност од надлежните институции (Републичкиот секретаријат за наука и образование, Републичкиот секретаријат за култура, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, МАНУ, Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Заедницата за научните дејности и др.) и референдумските одлуки се определува организацијата и дејноста на Институтот за литература. Научноистражувачката дејност, практично почнува да се остварува од 1 јануари 1982 со вработување на првите научни соработници д-р Ѓорги Поп-Атанасов и д-р Душко Наневски. Првиот раководител на Институтот за литература беше проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ. 
Од декември 1993 започнуваат активностите за осамостојување на ИМЛ. Оваа идеја започнува да се реализира во 1998 со формирање Комисија за основање на Институтот за македонска литература како јавна научна установа. Комисијата е во состав: акад. Милан Ѓурчинов, проф. д-р Вера Стојчевска-Антиќ, проф. д-р Георги Сталев, проф. д-р Алекса Попоски и проф. д-р Зекирија Незири.

Основање

Потребата од проучување на македонската литература на организиран и институционален начин ја роди идејата за формирање Институт за македонска литература.
  Институтот за македонска литература е формиран пред 30 години како научна единица во рамките на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" во Скопје. На првиот референдум, одржан на 23 април 1980 година, вработените на Филолошкиот факултет се изјаснуваат да се формира Институт за литература како научна единица на Факултетот, без својство на правно лице. На референдумот одржан на 14 јануари 1981 година е донесена одлука за усвојување на Анекс кон Статутот на Филолошки факултет во Скопје со што се определува организацијата и дејноста на единицата.
Институтот за македонска литература е формиран со цел да се овозможи планско, долгорочно и систематско проучување, следење и толкување на литературното творештво и наследство во Македонија и подготовка на млади кадри за научна работа.

Самостојна научна установа од национален интерес

Институтот за македонска литература во Скопје е основан како јавна научна установа со Одлука на Владата на Република Македонија бр. 23 –158/1 од 26 јануари 1998 година ("Сл. весник на Република Македонија" бр.6/98). Осамостојување е резултат на постигнувањата на Институтот како организациона единица на Филолошкиот факултет "Блаже Конески" во Скопје и пред сè на исполнетите услови за оформување кадровска структура. Со првата Програма за работа на Институтот се дефинираат неговите развојни перспективи како самостојна научна установа од јавен интерес. Јавен интерес во научноистражувачката дејност на Институтот претставуваат научните истражувања на историскиот и културниот идентитет на македонскиот народ и припадниците на заедниците, кои живеат во Република Македонија. Со Одлука на Универзитетскиот сенат од 25 февруари 1999 година, Институтот е членка на Универзитетот "Св. Кирил и Методиј" во Скопје.