Дебата „Книжевноста како браник на слободата“ во организација на Институтот за македонска литература и Британската амбасада

Во дебатата „Книжевноста како браник на слободата“, која се одржа во Институтот за македонска литература, во соработка со Британската амбасада (28 февруари 2023), се обработија неколку тематски целини: Цензурирана книжевност; Слобода на говор; Гласот на маргинализираните. Автори во фокус беа Јан Мекјуан, Џорџ Орвел, Олдос Хаксли, Салман Ружди, Оскар Вајлд, Марк Хадон, Керол Ен Дафи и Дејвид Херберт Лоренс.
Панелисти во дебатата беа Метју Лосон, амбасадор на Обединетото Кралство, кој во голем дел од дебатата зборуваше на македонски јазик, проф. д-р Наташа Аврамовска, директорка на Институтот за македонска литература, проф. д-р Гоце Смилевски, писател и универзитетски професор, проф. д-р Александар Прокопиев, писател и универзитетски професор.
Литературата ја има моќта да го пренесе внатрешниот дијалог на луѓето, да ги прикаже промените во општеството преку она што се одвива во душата на еден човек, забележа британскиот амбасадор Метју Лосон.
Директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Наташа Аврамовска посочи дека тоа што денеска го читаме и за што дебатираме зависи од актуелниот комуникациски миг.

Дебата се одржа под модераторство на м-р Ана Јовковска и во рамки на нејзиниот авторски проект „КНИЖЕВНИ РЕФЛЕКСИИ – платформа за креативен дијалог и критичко размислување“, кој има за цел поврзување на британската и македонската книжевност и култура.

Во интерактивната дебата учествуваа и голем број писатели, уредници, издавачи, преведувачи и професори меѓу кои: Соња Стојменска-Елзесер, актуелна добитничка на наградата за најдобра есеистичка книга во РС Македонија за 2022 г., Тодорче Тасевски, директор на Струшките вечери на поезијата, Владимир Мартиновски, универзитетски професор и автор, Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Меѓународниот семинар на македонски јазик, литература и култура при УКИМ и актуелна добитничка на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, Лидија Капушевска-Дракулевска, универзитетска професорка и книжевна критичарка, Ѓоко Здравески од Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО), Жарко Кујунџиски, издавачка куќа „Антолог“, Билјана Црвенковска, издавачка куќа „Чудна шума“, Игор Анѓелков, издавачка куќа „Или-или“, Милан Дамјановски, универзитетски професор и преведувач, Јасмина Василева, актерка и други.