Институт за македонска литература, Скопје, 2022
Димензии 21 см
Број на страници 270
ISBN 978-608-4744-31-3
Цена 300,00 ден.
Книгата Македонската книжевна критика во XIX век од Славчо Ковилоски го презентира континуитетот на македонската литература во XIX век, преку увид во повеќе дела на автори коишто досега не биле обработени. Изнесени се голем број критички и есеистички објави, прикази и огледи, но и полемички текстови расфрлани низ страниците на тогашната периодика. Тоа подразбираше претходно прелистување на голем број весници и списанија со надеж дека од некаде ќе се појават непознати текстови и автори кои ѝ припаѓаат на македонската литература, а за кои не сме чуле или кои биле поврзувани со некои други аспекти од книжевноста. Процесот на изнаоѓање и евидентирање на преку двестотини критичко-есеистички текстови и на педесетина автори и авторки е долг, бидејќи нашите досегашни сознанија за постоењето на македонската книжевна критика се состоеја од пет-шест автори со исто толку прикази и поговори. Пронајдените материјали, пак, се подготвени во соодветна периодизација и типологизација.
Покрај подготвената периодизација, посебни поглавја авторот посветува на постоењето на критиката и критичката мисла во македонската книжевност од XIX век, за тековите, авторите и делата, за книжевно-историските осврти (биографии наспроти критика), критиката за браќата Миладиновци и за Григор Прличев, книжевната рецепција и одгласи, книжевната претплата, како и за анализа и синтеза на одредени критичари и нивните дела, како на пример, Теодосиј Синаитски, Константин Петкович, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов, Григор Прличев, Кузман Шапкарев, Иван Ѓоргов, Димитар Матов, Трајко Китанчев, Јордан Иванов, Георги Баласчев, Христо Поп Стоилов, Григор К. Алексиев, Крсте Мисирков, Евтим Спространов, Иван К. Божинов.