Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со свечен научен собир одбележува годишнина од раѓањето на Гане Тодоровски (95 години) и на Петре М. Андреевски (90 години).
Собирот ќе се одржи на 5 јуни 2024 (среда), со почеток во 12.00 часот, во амфитеатарот на ИМЈ „Крсте Мисирков“, Скопје.
Со поздравна реч, собирот ќе го отвори директорката на Институтот, проф. д-р Наташа Аврамовска. За научната дејност на Гане Тодоровски ќе говори проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, за поезијата проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, книжевната дејност на Петре М. Андреевски ќе ја претстави проф. д-р Наташа Аврамовска, а за романот „Пиреј“ ќе зборува проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.
Претседателката на Одборот проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева истакнува дека како институција од национален интерес се чувствуваме почестени, но и обврзани, да потсетуваме на дејноста и на опусот на сите имиња од македонската книжевна историја, коишто ги пренесувале традициите и ги граделе културните вредности кај нас, меѓу кои се вбројуваат и овие двајца писатели, класици на македонската книжевност.
Институтот за македонска литература настојува значајните личности и нивното книжевно творештво да ги актуализира и кај младите генерации и затоа овој собир го реализира во интеракција со ученици од средните училишта.