Jasmina-Magicen realizam 2020 Predna

Институт за македонска литература, Скопје, 2020
Димензии 25 см
Број на страници 191
ISBN 978-608-4744-22-1
Цена 300,00 ден.

 „Во своето најново дело Магичен реализам: нова објективизација на стварноста еминентната теоретичарка на книжевноста и културата проф. д-р Јасмина Мојсиева-Гушева се навраќа на магичниот реализам, тема во која се има потврдено како докажан толкувач, преку бројни научни трудови и авторството на хрестоматијата „Магичен реализам“, објавена во 2012 година, а сега истата тема ја согледува од нови перспективи и во нови контексти“ (Гоце Смилевски, рецензент на книгата).

Книгата се состои од повеќе студии, кои заедно градат добро структурирана и кохерентна целина, поделена во четири дела, „Теориски согледби“, „Магичниот реализам и неговите релации со другите уметнички движења“, „Магичниот реализам во другите уметности“ и „Апликативни анализи“. Авторката низ еден синхрониски и дијахрониски пристап кон теориските постулати, преку кои се проучува овој феномен во уметноста, прави анализа на конкретни уметнички остварувања од областа на литературата, сликарството и филмот, кои можат да се вбројат меѓу делата создадени во рамки на магичниот реализам“.
Преку оваа монографија, направен е обид, да се даде одговор на прашањата: што претставува феноменот магичен реализам, што лежи во неговата основа, како би можело да се толкува неговата појава во уметноста на почетокот на XX век и зошто се јавува засилениот стремеж кон овој начин на експресија во многу постмодернистички уметнички остварувања.    
Според согледувањето на авторката овој феномен се појавува кога „развитокот на светскиот поредок доживува потполн замав, незабележително подготвувајќи се за нужниот пресврт. Имено, во времето на значајните културни промени на почетокот на XX  век се јавува бран на негирање на постулатите на етаблираната европската култура и свртување кон алтернативните форми на духот. Враќањето на непосредните – примитивните доживувања на светот станува мото на мисловниот и на уметничкиот процес, а неговата практична реализација е во зголемувањето на интересот за народното творештво, враќањето кон прапочетокот и кон магичниот начин на мислење“.
Благодарение на својата сеопфатност при анализата на еден од најзначајните феномени на уметноста на дваесеттиот век, користејќи се со истраженото  досега на тоа поле во светски рамки, а истовремено поставувајќи ја македонската книжевност, преку компаративен пристап, во еден космополитски контекст, според оценката на рецензентот: „книгата Магичен реализам: нова објективизација на стварноста од Јасмина Мојсиева-Гушева претставува компетентно, задлабочено и образложено проучување на магичниот реализам и е несомнено значаен придонес кон толкувањето на современите правци во уметноста и нивниот диверзитет, а е драгоцена и за сите читатели, чија книжевна љубопитност е насочена кон продлабочување на знаењата за овој специфичен стил и правец во уметноста“.