Конференција
Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура
Скопје, 29 и 30 јуни 2021 годинаПокана за отворањето на конференцијата
Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје оваа година одбележува 40 години од основањето на институцијата и 100 години од раѓањето на Блаже Конески. По тој повод, во организација на Институтот ќе се одржи меѓународна научна конференција
Македонска книжевна архива: од ракопис до дигитална култура
Институтот за македонска литература има чест да Ве покани да земете учество на оваа конференција.
Концепт
Досегашните достигнувања на Институтот за македонска литература на планот на научноистражувачкото проследување на книжевно-историските процеси, на етаблирање на вредносните канони на македонската литература и култура создавана во долг временски интервал од 9 до 21 век, ја наметнаа потребата да се проговори низ современ аспект за македонската книжевна и културна традиција низ вековите.
Следејќи ги историографските, општествените и културолошките интроспекции, нашата интенција е низ аспектите на книжевната архива преку меморијата и сеќавањето да се проследи вековниот континуитет на македонската книжевна традиција преку нејзините пројави, преку облиците на културното живеење и нивните манифестации во јавниот простор во континуирана последователност. Истовремено, приказот на богатството и разноликоста на книжевните дела не го перципираме само низ обликот на колекции, туку сакаме продукциите да ги согледаме како извори и места на паметење, сеќавање и на заборав, како место за вкрстување на литературните канони, но и нивно превреднување и редифинирање согласно со новите културолошки методологии (низ интермедијални, интердискурзивни и интеркултурни читања на македонската книжевност и нејзиниот развој). Аспектите ги насочуваме кон начините на кои тие архиви и канони се под влијание на историјата и традицијата, на контекстите, на интеракциите меѓу процесите и промените, на нивниот сооднос со другите литератури и култури на планот на книжевната меморија и нејзината трансформација. Врз основа на различната граѓа, чија база е македонската книжевна и културна архива: обреди, усни истории, книжевност, филм, нашата интенција е да се проектира перцепцијата за тоа како меморијата го одредува влијанието на минатото врз сегашноста и обратно: каква е позицијата на сегашноста за разбирање и интерпретација на минатото. Прашањето за колективната меморија и нејзината интерференција и трансформација со литературата се испреплетува со историјата на колективитетите, со обредните практики, со ритуалите, со карактеристичните наративи поврзани со општествените односи и сл., при што како суштинско се пројавува прашањето за поврзаноста на книжевната меморија и идентитетот (национален, класен, родов и сл.), со што се овозможува националното брендирање на културната традиција.
- Заемното согледување на ракописното наследство, на македонскиот фолклор, на литературата на преродбата и современата македонска литература во сите пројавени жанрови, воедно допуштаат нивно проследување и во интеркултурен контекст, низ компаративни согледби за сродни тенденции во европските и другите литератури.
Засегнати од актуелноста на овие состојби и во современиот општествен и политички контекст, поттикнуваме дебата во која како посебни ориентациони пунктови ги предлагаме следниве теми: - Ракописна и книжевно-историска архива: паметење и традиција, колективно и индивидуално творештво, македонска јазична редакција во прилог на националното брендирање, канонско-неканонско творештво/вкрстосување на каноните, структури и модели во тврештвото.
- Фолкорна архива: меморијата на заедницата одразена преку народното или колективното знаење (фолклор), ритуалите и обредите како примордијални организациски облици на паметењето, македонскиот фолклор и современата македонска книжевна традиција.
- Книжевната архива на Блаже Конески (по повод 100 години од неговото раѓање): културна икона; национално брендирање на културната традиција; Конески и облиците на книжевно поврзување: фолклор и современа литература.
- Современа книжевна архива: современата македонска литература и нејзиното кореспондирање со сликите и јазикот на колективната меморија, национален и универзален книжевен наратив, книжевни икони и книжевна традиција, соодносот на македонската со други литератури и култури.
- Дигитална архива: дигитални национални архиви: книжевност, фолклор, музика, филм; дигитализација и ракопис; новите медиуми и нивното влијание врз современата литература и култура; дигитална трансформација – дигитална ера.
Очекуваме Ваша пријава со тема од потесната област на Вашиот научен и културнотворечки интерес.
Рокот за поднесување наслов на тема е до 30 март 2021 година на еднa од следниве адреси: maclit@iml.edu.mk / iml.kult@gmail.com.
Јазици на конференцијата
Македонски и англиски јазик или некој од другите словенски јазици, по претходен договор со организаторот.
Текстовите ќе се објават во посебен Зборник на научни трудови.
Организационен одбор: д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, директор (претседател), д-р Наташа Аврамовска (член), д-р Илија Велев (член), д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева (член), д-р Ана Мартиноска (член), д-р Валентина Миронска-Христовска (член), д-р Јасмина Мојсиева-Гушева (член), д-р Соња Стојменска Елзесер (член), д-р Сарита Трајанова (секретар) и м-р Билјана Јоновска-Стефковска (секретар).
Со почит,
Директор и претседател на Организациониот одбор
проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ
