Skip to content

ДУАЛИСТИЧКАТА МИСЛА ВО МАКЕДОНСКАТА КУЛТУРА од Ема Лакинска

Институт за македонска литература, Скопје, 2025
Димензии 21 см
Број на страници 183
ISBN 978-608-4744-47-4
Цена 400,00 ден.

Делото Дуалистичката мисла во македонската култура од Ема Лакинска претставува преглед на развојниот пат на македонската дуалистичка мисла. Тоа го следи развојниот пат на дуалистичката мисла, преку македонските книжевните форми, кои како што е познато го носат дуализмот во сите свои развојни фази – од средновековието до денес.
Преку три глави насловени како: „1. Појавата на дуалистичка мисла во македонската средновековна литература“, „2. Развојот на дуалистичката мисла во македонската литература од 19. век “ и „3. Дуалистичката мисла во македонската современа литература “ делото го следи историскиот и антрополошки развоен пат на дуалистичката мисла во македонската литература, од богомилското движење, усното творештво, преку театарот и собирачите на народно творештво, сè до писменото творештво, и во потесна смисла го анализира развојниот пат, зреењето и транформациите кои дуалистичката мисла ги добива во разните прозни книжевни форми.
Во првата глава акцентот се става на богомилската доктрина и нејзинте свети списи, во кои се лоцираат почетоците на дуалистичката мисла, потоа на Тајната книга, како и на апокрифите. Оваа глава се заокружува со краток осврт за значењето на делото Драговитските богомили на Кочо Рацин.
Во втората глава накратко се осврнуваме на периодот од XV до XIX век во кој континуитетот на дуалистичката мисла во македонската литература се бележи преку дамаскините. Во XIX век богомилските дуалистички концепти се пренесуваат во религиозно поучните текстови, како оние на Јоаким Крчовски и Кирил Пејчиновиќ, како и во театарот на Јордан Хаџи Контаниов Џинот, кој, пак, игра клучна улога за преминот од усност кон писменост. Во овој период, за преминот да дуалистичката мисла од усно кон писмено творештво заслужни се браќата Миладиновци, Марко Цепенков, Кузман Шапкарев, Ѓоргија Пулески и други.
Во третата глава се актуализира континуитетот на карактеристиките на богомилската доктрина во текстови од современата македонска литература, во кои се евидентира културната конверзија од религиозен догматизам во социо-реалистичка доктрина. Во таа смисла, во оваа глава се анализираат три романи: Опиум од Кочо Рацин, Крпен живот од Стале Попов и Село зад седумте јасени од Славко Јаневски.