
Институт за македонска литература, Скопје, 2024
Димензии 25см
Број на страници 390
ISBN 978-608-4744-42-9
Цена 700,00 ден.
Зборник на трудови Интеркултурни дијалози во контекст на македонско-турските книжевни врски од одржаната конференција на Истанбулскиот универзитет (6–7 ноември 2023 година).
Главни уредници: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ, проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, Prof. Dr. Emine İnanır
Технички уредник: м-р Билјана Јоновска-Стефковска
Меѓународна редакција: проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ (РС Македонија), проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер (РС Македонија), проф. д-р Наташа Аврамовска (РС Македонија), Prof. Dr. Emine İnanır (Турција), Prof. Dr. Mehmet Samsakçı (Турција)
Зборникот Интеркултурни дијалози во контекст на македонско-турските книжевни врски претставува финализација на истоимениот проект реализиран како научен симпозиум на 6 и 7 ноември 2023 година на Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, во кој се вкрстуваат перспективите на турските и македонските истражувачи во однос на книжевните дела и појави што го потврдуваат вибрантниот интеркултурен дијалог. Изданието содржи научни прилози од еминентни македонски и турски научници на македонски, турски и англиски јазик. Во трудовите се третираат следниве теми: културна историја, ориентални слоеви во средновековната литература и во ракописното наследство, рецепција и превод; меморија на места, идентитетски маркери и други културолошки проследувања во доменот на интеркултурните дијалози. Мора да се подвлече дека двата народа имаат голем број точки на спојувања, историско минато, културна меморија, блискости и разлики, како поради историските констелации поврзани со петвековната доминација на Отоманската Империја на Балканот така и поради нагласено пријателските односи во добата на развој на модерните општества.
Материјалите во изданието претставуваат плод на солидната научна и културна соработка помеѓу Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Факултетот за литература при Универзитетот во Истанбул, преку Договорот за соработка потпишан во 2018 година. Зборникот е поддржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија.
