
Институт за македонска литература, Скопје, 2025
Димензии 21 см
Број на страници 211
ISBN 978-608-4744-46-7
Цена 400,00 ден.
Книжевно-критички рефлексии е збирка од научни трудови, критики и есеи на Ана Јовковска, како сублимација на безвременските хуманистички и културолошки теми за телото, траумата, насилството, субјективитетот, идентитетот, уметноста, љубовта, сексуалноста и слободата. Студии за родот и траумата кои компаратистички и интермедијално пресекуваат релевантни теми за денешната книжевна и културолошка наука, како што се себството и Другиот, хегемонијата на телото, психолошкото, сексуалното и физичкото насилство, антрополошката осаменост, протофеминизмот, екофеминизмот и менталното здравје.
Публикацијата има широк тематски спектар којшто ги синтетизира личните и колективни состојби, патријархалниот морал, ропството, траекторијата на магиското и митолошкото, архетипот на дивата жена, социокултурната конструкција на женственоста низ фолклорот и филмот, токсичната мажественост, колективното лудило на војната, родовата опресија, корумпирачката стапица на моќта, инхерентната машка доминација, предизвиците на мајчинството, социоемоционалниот развој на децата, психичкото здравје и преобмислувањето на медиумската култура и уметност.
Овие студии за родот, културата и траумата содржат петнаесетина насловни единици: „Феминистичка перспектива во машкиот канон на уметноста и културата“; „Архетипот на вештерката во колективната женска свест низ романот Баба Јага снесе јајце на Дубравка Угрешиќ“; „Деконструкција на женскиот субјективитет и идентитет низ книжевното дело Пет куси романи и неколку раскази од Наталија Гинзбург и филмското дело Малена од Џузепе Торнаторе“; „Женски перспективи на траумата и насилството во романот Пиреј од Петре М. Андреевски“; „Популарната култура и декодирањето на родовите стереотипи“; „Архетипот на дивата жена во хорор бајката Нема да си сама на Горан Столевски“; „Репрезентацијата на жената уметник низ филмската и книжевната визура на Фрида Кало“; „Траумата и болката како извор на женското искуство во романите Обвинета на Славенка Дракулиќ и Образована на Тара Вестовер“; „Културните окови на нормираната женственост“; „Родовата оптика во романот Бела Сама од Виолета Танчева-Златева“; „Первертираните родови улоги во филмската феминистичка утопија“; „Насилството и траумата во романите Во понеделник ќе нè сакаат од Наџат ел Хачми и Модар накит од Катарина Винклер“ и други.
На читателите им е понудена ангажирана и авторски суверено испишана критичка панорама, која проследува значајни книжевни и уметнички дела на денешницата и несомнено замислува над мигот на денешниот „цивилизирани свет“.
