Skip to content

МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА, IX – XXI век (АВТОРИ И ДЕЛА) (2021-2023)

МАКЕДОНСКА КНИЖЕВНА ЕНЦИКЛОПЕДИЈА, IX – XXI век (АВТОРИ И ДЕЛА) (2021-2023)

Носител: Институт за македонска литература
Времетраење на проектот: ноември 2021 – октомври 2023
Проектот е поддржан од Министерството за образование и наука на РС Македонија

Веб-страницата на проектот

Проектот Македонска книжевна енциклопедија, IX – XXI век (автори и дела) на Институтот за македонска литература е поддржан од Министерството за образование и наука и е замислен како електронско издание кое покрива одредници поврзани со македонската книжевност. Во рамките на првиот проектен период, се предвиде изготвување два типа одредници: автори и дела (поезија, проза и драма), коишто го покриваат периодот од IX до XXI век на развојот на македонската книжевност, како и нивно сукцесивно слободно достапно поставување во облик на е-енциклопедија на мрежата. Се појде од претпоставката дека неговата реализација како е-издание истовремено ќе исполни две важни цели: 1. ќе го надомести отсуството на општа македонска книжевна енциклопедија воопшто и 2. ќе го оприсутни/направи видливо на глобaлната мрежа присуството на македонскиот книжевен наратив и неговиот вековен развој.
Комплексноста на еден ваков широк истражувачки зафат исто така одеше во прилог на изборот на електронско издание, коешто постојано може да биде надградувано и подобрувано, та определениот проектен период беше појмен како прва фаза, дефинирана како автори и дела (поезија, проза, драма), која во мигов сè уште се дополнува, а се планира да биде надополнувана и натаму и со авторски имиња и дела, меѓу кои во иднина можат да бидат вброени и дела од поширокиот спектар на жанровското разнообразие на македонската книжевност, но и со други книжевни поими: периодизациски, поетички, книжевни списанија, книжевно-критички и други.
Изготвувањето на вака замислената општа македонска книжевна енциклопедија (автори и дела), којашто секако, мораше да биде селективна, притоа подразбираше истражување односно препрочитување на огромен корпус книжевни дела и нивна селекција според вредносен аспект, аспект на првенство или парадигматичност во однос на иманентно-поетичките одлики на авторското писмо. Притоа, секако, опфатноста и разнообразноста на корпусот наложи одредување на критериуми и принципи на застапување, односно селекција и на авторските имиња и на делото, односно делата коишто им се придружуваат како посебни одредници. Генерално, беше усвоен принципот дека едно авторско име може да биде дополнително проследено со најмногу три одредници за дело, од коишто секое му припаѓа на еден од трите книжевни рода: поезија, проза или драма. Секако, притоа, а со оглед на спецификите на книжевниот жанровски систем којшто се развива во средниот век, како и со оглед на посебноста на неговата аксиолошка вертикала, изборот на одредниците за книжевни дела од овој повеќевековен период на развојот на книжевноста жанровски отстапува од оној на современоста. Периодот на преродбата, од друга страна, исто така се одликува со засебни специфики, коишто првенствено произлегуваат од заемната пронижаност на книжевната и преродбенската општествена дејност. Оттаму, одредниците коишто се однесуваат на овој книжевен период не ја исклучуваат од фокусот публицистичката дејност на преродбениците без оглед на тоа што таа стои надвор од рамките на троделната поделба на книжевните родови: поезија, проза и драма. Исто така, во рамките на областа на фолклорот односно усното творештво, како новина, оваа енциклопедија ги донесува имињата на информаторките од кои во периодот на преродбата се доминантно запишувани македонските народни умотворби.

Одредницата авторско име во рамките на оваа книжевна енциклопедија, помалку е сосредоточена врз податоците што го мапираат животот на авторот. Попрво, таа настојува да ја осветли книжевната активност на авторот, односно одликите на неговото авторско писмо, неговата иманентна поетика, што дополнително, најчесто е илустрирана и со одредница посветена на конкретно дело на авторот. Секоја авторска одредница е проследена со релевантна литература којашто упатува на натамошно истражување на опусот на авторот, како што и во секоја одредница за книжевно дело се упатува на значајни извори коишто водат кон попродлабочено истражување на конкретното книжевно дело и кон негова рецепција во текот на времето. Целта на вака замислениот проект е на учениците и студентите, домашни и странски, како и на љубителите на македонската книжевност воопшто, да им ги направи достапни информациите за вековниот развој на македонската книжевност и да ги упати на релевантни извори за натамошно истражување.
Напоменуваме дека независно од фактот што заврши периодот на финансиска поддршка од МОН континуирано продолжува работата во рамките на проектот и ова електронско издание континуирано се дополнува со нови одредници. Редакцијата е отворена за прашања и сугестии.
(Н.А. М.П.)

Раководители на проектот
Ко-раководител проф. д-р Наташа Аврамовска, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Ко-раководител проф. д-р Мишел Павловски, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје

Членови на истражувачкиот тим
Истражувач акад. Ката Ќулафкова, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје
Истражувач проф. д-р Илија Велев, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје (редакција)
Истражувач проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје (редакција)
Истражувач проф. д-р Маја Јакимовска Тошиќ, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје (редакција)
Истражувач проф. д-р Лидија Капушевска-Дракулевска, Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ во Скопје
Истражувач проф. д-р Ана Мартиноска, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје (редакција)
Истражувач проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје (редакција)
Истражувач проф. д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје (редакција)
Истражувач проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска Филолошки факултет „Блаже Конески“, УКИМ во Скопје
Истражувач проф. д-р Африм Реџепи, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Истражувач проф. д-р Гоце Смилевски, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Истражувач проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, научен советник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје (редакција)
Истражувач проф. д-р Намита Субиото, Филозофски факултет при Универзитетот во Љубљана
Истражувач проф. д-р Иван Џепароски Филозофски факултет, УКИМ во Скопје
Истражувач проф. д-р Дарин Ангеловски, виш научен соработник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Истражувач проф. д-р Славчо Ковиловски, виш научен соработник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Истражувач д-р Биљана Рајчинова-Николова, научен соработник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Истражувач д-р Тамара Ќупева, научен соработник, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Млад истражувач м-р Жарко Иванов, соработник-истражувач, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Млад истражувач м-р Ема Лакинска, соработник-истражувач, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Млад истражувач м-р Славица Петровска-Ѓорѓевска, соработник-истражувач, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје
Млад истражувач м-р Марина Цветаноска, соработник-истражувач, Институт за македонска литература, УКИМ во Скопје

Лектура: Дениз Тесторидес, д-р Весна Костовска