Skip to content

Упатство за магистерски труд

Врз основа на член 16 алинеја 19 од Статутот на ЈНУ Институт за македонска литература во Скопје, во согласност со членовите од 224 до 234 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и член 47 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв и втор циклус универзитетски студии, Советот на Институтот за македонска литература во Скопје на 49. седница одржана на 22.6.2010 година го донесе следново


У П А Т С Т В О

за изработка на магистерски труд на вториот циклус студии

1. Услови и начин за пријавување на магистерскиот труд

  • Пријава за изработка на магистерски труд може да поднесат само студенти кои ги положиле сите испити од вториот циклус на студии и ги подмириле сите трошоци за студирањето;
  • Студентот избира тема за магистерски труд во консултација со предложениот ментор.
  • Пријавувањето на магистерскиот труд се врши на посебен образец http://iml.edu.mk/index.php/studii/vtor-ciklus/dokumenti-za-popolnuvawe

Кон пријавата се доставува:

Образложение за научната оправданост на темата, кое содржи:

  • наслов на магистерскиот труд;
  • предмет на истражување;
  • работна хипотеза;
  • методи кои ќе се користат;
  • досегашни истражувања на определената тема и
  • содржина на магистерскиот труд.

План за работа

Преглед на литература, која се планира да се користи.

  • Кандидатот е должен пријавата и образложението за изработка на магистерски труд да ја достави во печатена и во електронска форма на e-mail: iml.kult@gmail.com
  • На предлог на Наставно-научниот колегиум на вториот циклус студии, Советот на Институтот ја прифаќа темата на трудот и определува ментор;
  • Насловот на прифатениот магистерски труд се објавува во Билтенот на УКИМ, на македонски и на англиски јазик;
  1. Подготовка на магистерскиот труд
  • Магистерскиот труд е резултат на самостојна работа на кандидатот и во него сесистематизираат постојните научни знаења и се придонесува за нивниотнатамошен развој;
  • Магистерскиот труд треба да содржи минимум 80, а максимум 120 страници, не вклучувајќи ја насловната страница, страниците каде што е наведена содржината на трудот и страниците каде што е наведена користената литература; По исклучок, а со одобрение на менторот, магистерскиот труд може да отстапува од овие пропозиции.
  • Насловот на магистерскиот труд не треба да содржи кратенки, загради или наводници;
  • Трудот треба да биде изработен во компјутерска техника, во фонт Georgia/Times New Roman сомакедонска јазична поддршка, со големина на буквите 12 ипроред 1,5 за основниот текст и големина на буквите 10 со проред 1 за текстот вофусноти;
  • Магистерскиот труд треба треба да ја има следнава структура:

–     воведен дел (општествена оправданост на темата, методологијата што ќе се користи, појдовни хипотези, предмет на истражување);

–   поимно определување, односно основни карактеристики на проблемот или појавата што се разработува односно анализира низ теоретска елаборација;

–       разработка на трудот;

–       заклучни согледувања;

–       користена литература.

  • Магистерскиот труд е структуиран по глави и поглавја. Поделеноста по глави и поглавја се означува со арапски цели броеви (за главните наслови) и децимални броеви (за поднасловите) Пр.

СОДРЖИНА

АПСТРАКТ (кратко резиме од десетина реченици на македонски и англиски јазик) – не е задолжително

КЛУЧНИ ЗБОРОВИ (на македонски и англиски јазик) – не е задолжително

ВОВЕД

  1. ПРВА ГЛАВА

1.1 Прв поднаслов во рамките на првата глава

1.2 Втор поднаслов во рамките на првата глава (итн.)

  1. 2. ВТОРА ГЛАВА

2.1 Прв поднаслов во втората глава

2.1.1  Прв поднаслов во рамките на првиот поднаслов во втората глава

2.2 Втор поднаслов во рамките на втората глава (итн.)

  1. 3. ТРЕТА ГЛАВА (итн.)
  2. 4. ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА

КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

  1. Постапка за оценка и одбрана на магистерскиот труд
  • Пред завршување на менторската фаза студентот е должен текстот на магистерскиот труд да го достави до менторот;
  • Студентот на посебен образец поднесува барање за формирање Комисија за оценка на магистерскиот труд. Барањето се прифаќа само со обезбеден потпис од менторот http://iml.edu.mk/index.php/studii/vtor-ciklus/dokumenti-za-popolnuvawe
  • Менторот, на седница на Наставно-научниот колегиум известува за завршената менторска фаза;
  • Магистерскиот труд се доставува во три примероци во хартиена форма за членовите на Комисијата за оценка на трудот;
  • По предлог на Наставно-научниот колегиум, Советот на Институтот формира Комисијата за оценка на магистерскиот труд; Членовите на оваа Комисија може да бидат и членови на Комисијата за одбрана.
  • Комисијата за оценка е должна во рок од три месеци да го прегледа трудот и на студентот писмено да му достави евентуални забелешки;
  • Комисијата може да го врати трудот со забелешките најмногу двапати и на кандидатот му определува рок од најмногу три месеци да постапи по нив.
  • Комисијата изготвува Извештај во кој дава образложение и оценка на магистерскиот труд и го доставува до Советот на Институтот;
  • Кандидатот е должен да достави пет примероци (вкоричени во тврд повез) од конечната верзија на трудот, до архивата на Институтот и тоа три за членовите на Комисијата за одбрана, еден за библиотеката на Институтот и еден за Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје.
  • Текстот на трудот треба да биде без правописни, јазични и технички грешки.
  • Советот го усвојува Извештајот и определува ден за одбрана.
  1. Одбрана на магистерскиот труд
  • Магистерскиот труд треба да биде одбранет најдоцна во рок од една година од денот на одобрување на темата;
  • По барање на студентот може да се одобри продолжување на рокот за одбрана на трудот.
  • Одбраната на магистерскиот труд е јавна;
  • Денот на одбраната се закажува во рок од 15 дена од прифаќањето на Извештајот од страна на Советот на Институтот;
  • Соопштение за одбраната на магистерскиот труд се објавува на огласна табла на Институтот најмалку 7 дена пред денот на одбраната, а кандидатот за одбраната се известува писмено и преку електронска адреса (e-mail);
  • На јавната одбрана се чита заклучокот и оценката содржани во Извештајот, потоа кандидатот поднесува усмено излагање на магистерскиот труд (експозе) во траење од најмногу 20 минути, по што следува поставување прашања од членовите на Комисијата и давање одговори од страна на кандидатот;
  • Оценувањето се врши со описни оценки: го одбрани магистерскиот труд или не го одбрани магистерскиот труд;
  • За текот на одбраната се води записник. Записникот го води секретарот на Институтот, а го потпишуваат членовите на Комисијата за одбрана.
  1. Технички правила за подготовка на магистерскиот труд
  • Наслов на книга, списание, зборник – во Italic
  • Поединечни книжевни текстови – во наводници
  • Азбучен ред на литературата – според азбуката на која се пишува

Примери:

За наведување книга

Конески, Блаже:

(1982), Граматика на македонскиот литературен јазик, Култура, Скопје

(1983), Песни, Култура, Скопје

За наведување текст од списание

Јуван, Марко:

(2005), „Литерарноста како културолошка категорија“, Спектар, 45-46, стр. 171-191

За наведување текст од зборник

Стојчевска-Антиќ, Вера:

(2004), „Кон средновековниот роман во Македонија“, во Зборникот 50 години македонски роман, Институт за македонска литература, Скопје, стр. 11-17

Во текстот на трудот, при цитирање или повикување на одреден автор, се наведуваат скратени податоци: презиме, година и страница.

(Поповски, 1988:54)

  1. Дисциплинска одговорност за плагијаторство
    • Согласно Статутот на УКИМ, тешка дисциплинска повреда претставува плагијаторството кое подразбира пренесување туѓ текст или туѓ магистерски труд во сопствено име.
    • За утврдена дисциплинска повреда плагијаторство на кандидатот му се изрекува забрана за изработка и одбрана на магистерскиот труд којшто е плагијат.