На 28 ноември 2012 година во Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се одбележаа 100 години од раѓањето на основоположникот на македонската фолклористика проф. д-р Кирил Пенушлиски. Свечениот собир го организираше Институтот за македонска литература во соработка со Македонската академија на науките и уметностите, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ и Друштвото на писателите на Македонија. Одбележувањето на 100 годишнината од раѓањето на почитуваниот проф. Пенушлиски беше предвидена со Програмата на Собранието на Република Македонија за одбележување годишнини на значајни настани и истакнати личности за 2012 („Сл. весник на РМ“ бр. 44/12)
Пригодни обраќања имаа проректорот за настава на Универзитетот проф. д-р Влатко Стоилков и в.д. директорката на Институтот за македонска литература проф. д-р Маја Јакимовска-Тошиќ. Учествуваа преставници на петте институции-носители на одбележувањето: акад. Блаже Ристовски од МАНУ, д-р Ленка Татаровска од Институтот за македонска литература, д-р Лидија Стојановиќ-Лафазановска од Институтот за фолклор и претседателот на ДПМ Раде Силјан.
Презентираните излагања на свечениот собир ќе се објават во Спектар, меѓународното македонистичко списание на Институтот за македонска литература.
Излагањата на учесниците беа повод за повеќе текстови во печатените и електронските медиуми.