Институт за македонска литература, Скопје, 2020
Димензии 26см
Број на страници 342
ISBN 978-608-4744-21-4
Цена 300,00 ден.
Книгата Античката литература во македонската културна средина (културно-општествени и преводни аспекти) од Дарин Ангеловски се однесува на теми што го проследуваат литературниот живот во македонската културна средина од античкиот период; на прашањата за присуството на античката литературна традиција во македонската средновековна литература; на контактите на македонските просветители со античката литературна традиција и нивните преведувачки акции на дела од античката литература во XIX, како и на остварената преводна рецепција на делата на македонски јазик според оригинални изворници во XX век.
Според тоа, трудот е систематизиран во четири основни поглавја: 1. Литературата и литературниот живот во македонската културна средина од античкиот период; 2. Античката литература во македонската културна средина од византискиот и средновековниот период; 3. Античката литература во македонската културна средина од XIX век и 4. Античката литература во македонската културна средина од XX век.
Во првото поглавје, освен кон дефинирањето на поимот античка литература како поврзувачка алка на двете древни европски литератури, хеленската и римската, е пристапено и кон посочување на нејзините носители и определување на периодичните
рамки во кои се проучува ова литературно творештво. Во понатамошниот тек истражувањето се занимава со некои суштински карактеристики на литературниот живот во античкиот период. Тие се однесуваат на феноменот на двојазичноста на античката литература, кој во оваа прилика се согледува во контекстот на повеќејазичноста на античкиот свет. Внимание е посветено и на дијахрониските проучувања на хеленската и римската литература, поаѓајќи од антиката, па сè до модерната доба, кои имаат за цел да дадат претстава за мултиетничкиот состав на носителите на античката литературна традиција. Ваквиот приод го насочи вниманието кон презентирање на достапните податоци за животот и дејноста на македонските автори што твореле во античкиот свет, но и да се претстават авторите со друго потекло што престојувале и ги создавале своите дела во македонската културна средина од античкиот период под покровителството на македонските кралеви.
Во второто поглавје е проследено присуството на античката литература во македонската културна средина од византискиот и средновековниот период според контактот што го остварувале средновековните автори со античката литература во македонската културна средина, како и според податоците за присуството на античката литературна традиција во македонската средновековна литература.
Во третиот дел вниманието е насочено кон расветлување на влијанието на античката литература врз културно-општествениот живот во просветителскиот период кај нас. Предмет на истражување во овој дел се контактите што ги остварувале македонските преродбеници со античката литература (Димитрија Миладинов, Константин Миладинов, Рајко Жинзифов и Јанаки Стрезов). Особено внимание е посветено на преводните акции што ги преземале македонските просветители на планот на поширокото приопштување на делата од античката литературна традиција (Јордан Хаџи Константинов-Џинот, Григор Прличев).
Во четвртото поглавје дијахрониски се согледува процесот на прифаќање на делата од античката литература на македонски јазик според функцијата превод. На крајот од трудот е поместена библиографија на преводи на дела од античката литература што се објавени во Македонија. На тој начин истражувањето претставува прилог во определувањето на стратешкото значење на прифаќањето на делата од античката литература за македонската култура и за нејзините заложби за легитимација и опстојување на културната карта на европските народи.