Skip to content

Втор меѓународен научен собир Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со Филозофскиот факултет при Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра го организира Вториот меѓународен научен собир Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски. Собирот ќе се одржи во Македонската академија на науките и уметностите на 2 и 3 јули 2015 година.

index

Овој собир, по повод 1130 годишнината од смртта на св. Методиј Солунски, е мошне значаен за развивање и продлабочување на македонско-словачката научна соработка. Една од неговите основни цели е афирмацијата на големото дело на нашите сесловенски просветители, светите Кирил и Методиј, што воедно претставува и допирна точка на македонско-словачкото научно и културно поврзување. Македонско-словачките културни релации ќе се развиваат и афирмираат во доменот на повеќе научни области и дисциплини (книжевност, јазик, историја, археологија, етнологија и фолклор, театрологија, филм и медиуми). Најавени се 15-тина учесници од сродните научни и високообразовни институции во Словачка.

На отворањето на собирот поздравни говори ќе одржат: претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов, потпретседателот на Македонската академија на науките и уметностите акад. Љупчо Коцарев, двајцата амбасадори –  Н.Е. Мартин Безак, амбасадорот на Словачка, и Н.Е. Ѓорѓи Филипов, амбасадорот на Македонија, директорката на Институтот за македонска литература д-р Маја Јакимовска-Тошиќ и директорот на Институтот за проучување на културното наследство на Кирил и Методиј на Филозофскиот факултет во Нитра д-р Петар Иваниќ.

На собирот ќе се промовира зборникот од првиот меѓународен собир Macedónsko-slovenské literárne, kultúrne a jazykové vzťahy / Македонско-словачки книжевни, културни и јазични врски, кој се одржа во Нитра, 28 – 29 ноември 2013, како и други најнови научни изданија за македонската/словачката книжевност.

Отворањето на собирот е на 2 јули (четврток) во 9.30 часот.

Покана за отворањето на собирот

Програма

Постер