МАКЕДОНСКИОТ И СРПСКИОТ РОМАН НА ПРЕМИНОТ ВО НОВИОТ МИЛЕНИУМ (СПОРЕДБЕНИ АСПЕКТИ)
Зборник на трудови од меѓународната работилница „Mакедонскиот и српскиот роман на преминот во новиот милениум (споредбени аспекти)“, Институт за македонска литература во соработка со Институтот за книжевност и уметност во Белград (Белград, 23-24 октомври 2019)
Уредници: Јасмина Мојсиева-Гушева и Бојан Јовиќ
Институт за македонска литература, Скопје, 2020
Димензии 24см
Број на страници 304
ISBN 978-608-4744-24-5
Цена 500,00 ден.
Зборникот Mакедонскиот и српскиот роман на преминот во новиот милениум (споредбени аспекти) е произлезен од истоимениот заеднички проект, поддржан од Министерството за култура на РС Македонија и како што истакнуваат приредувачите во предговорот на изданието, целта на овој проект е да ги „осознаеме насоките по кои се одвиваат новите тенденции во македонското и српското современо книжевно творештво во последниве децении, токму преку романот како најадекватна и најподатлива форма низ која успешно се согледуваат сите подробности на современата реалност, кои потем прецизно се транспонираат во конкретно уметничко творештво со соодветни идејни и естетски вредности. Дополнителна причина поради која се зафативме со оваа тема е нејзината применливост во смисла на содржинската поставеност која опфаќа размислувања што се однесуваат на: критиката на консумирачкото општество, свесноста за еколошките проблеми, согледувањето на функцијата на глобализмот и постколонијализмот, истакнувањето на етничките и сексуалните идентитети, заложбите за маргинализираните групации, нагласувањето на носталгичноста и дезориентираноста во заемните односи меѓу книжевните протагонисти, со еден збор, теми блиски до нас и до нашето секојдневно живеење“.
Во зборникот се застапени седумнаесет прилози од млади, но и од еминентни и веќе докажани книжевни истражувачи од двата института како што се: Јасмина Мојсиева-Гушева која ја истакнува Флуидноста на новиот милениум преку романите ‘Дваесет и првиот’ на Т. Османли и ‘Милениум во Белград’ на В. Пиштало; Валентина Миронска-Христовска ја анлизира Преводната рецепција на македонскиот и српскиот роман во двете културни средини; Лорета Георгиевска-Јаковлева се задржува на Наративот на болеста во романите ‘Двадесет четири зида’ од Игор Маројевиќ и ‘Одбројување’ од Фросина Пармаковска; Бојан Чолак пишува за Интимниот губиток, траумата и раскажувањето; Гоце Смилевски ја третира темата на Белград и Струга како хетеротропии во‘Insomnia’ и ‘Бледи сенки, далечни гласови’ од Димитрие Дурацовски; Радомир Виденовиќ говори за Миризмата на егзилот во ‘Земја на бегалците’ од Кица Колбе; Игор Перишиќ ги споредува писмата на Тројцата Владимири (Арсениевиќ, Кецмановиќ, Табашевиќ): постколонијална, транспостмодернистичка и постсоцијалистичка еманципација на српскиот роман; Соња Стојменска-Елезесер пишува за Моделот на роман-биографикција кај Владимир Пиштало и Гоце Смилевски; Тијана Тропин врши компарација на Несовршеното сеќавање на смртта: историграфска метапроза во современиот српски и македонски роман; Жељко Милановиќ ги наведува Политичко-поетичките очекувања од савремениот српски роман, Ана Мартиноска го споредува Семејното насилство како тема во новиот македонски и српски роман; Марија Грујиќ ја проследува Историјата и сексуалноста во женскиот српски роман: ‘Стравот и неговиот слуга’ кај Мирјана Новаковиќ и ‘Каја, Београд и добриот Американац’ на Мирјана Ѓурѓевиќ; Владимир Периќ пишува за Окцидентализмот во романескната проза на српските и македонските писатели на генерацијата „Y“: транзиција и идентитет; Дарин Ангеловски се задржува на темата Баснословното време на детството во романите ‘Маџун’ од Влада Урошевиќ и ‘Татковиот нов мандат’ од Слободан Мандиќ; Анкица Вуковиќ го проследува Српскиот роман за деца во првата деценија на ХХI век, Марко Аврамовиќ пишува за Емиграцијата и документите во ‘Стаклен ѕид‘ на Владимир Тасиќ, Билјана Јоновска-Стефковска се задржува на Љубовниот триаголник во романите ‘Прељубници’ од Вида Огненовиќ и ‘Одбројување‘ од Фросина Пармаковска.