Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје на 8 и 9 октомври 2024 година реализираше Меѓународна конференција Европската рута на Светите Кирил и Методиј во културното наследство на Скопје и Скопско, што како проект е подржан од Министерството за култура и туризам на РС Македонија. Проектот е дел од програмата „Европската културна рута на Светите Кирил и Методиј“ на Советот на Европа, воспоставена во 2013 година, како интернационална мрежа од земји и партнери, што го одбележува и афирмира наследството на браќата Кирил и Методиј како дел од европското културно наследство. Целта е поврзување на народите и различните локации преку мрежите на споделена историја и културно наследство. Во Програмата како рамноправни членки од РС Македонија партиципираат Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“во Скопје и Институтот за старословенска култура во Прилеп (од 2023 година), заедно со институции од Р Чешка, Р Словачка, Италија, Словенија, Р Хрватска, Унгарија, Полска, Бугарија и Грција.
Конференцијата беше придружена со Изложба од фотографии насловена По трагите на Светите Кирил и Методиј, којашто ја следи траекторијата на движењето на словенските просветители, браќата Кирил и Методиј во земјите на нивното дејствување. Автор на изложбата е Павол Демеш, поранешниот министер за надворешни работи на Република Словачка, а во организација на Словачката амбасада во Скопје, Институтот за македонска литература и Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.
На 9 октомври, Институтот за македонска литература заедно со учесниците на конференцијата и гостите од странство (од Р Чешка, Р Словачка и Р Бугарија) организираше научна екскурзија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“- Матка, каде во фресоживописот се наоѓаат преставите на Св. Кирил Филозоф и св. Климент Охридски од 15. век.