Издавач: Институт за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
Промотор: д-р Елизабета Баковска
Време и место: 5 декември 2024, 12 ч., ГБ „Браќа Миладиновци“ во Скопје
Во книгата „Жени во македонската книжевност од XIX век“ авторот д-р Славчо Ковилоски се осврнува на македонското женско авторство во XIX век преку биографиите на Славка Динкова, Царевна Миладинова-Алексиева, Султана Чикмакова, Марија Хр. Зрнева, Евтимица Јанчева, Анастасија Милошова и други книжевни дејци. Посебно внимание е посветено на нивните дела, кои во најголема мера ги одразувале тогашните културно-општествени прилики. Во таа смисла, особено значајни се публицистичко-есеистичките записи, полемички текстови, раскази, драмски пиеси, песни, но и сите други записи коишто само ги потврдуваат можностите, но пред сè желбите на македонските жени активно да се вклучат во јавниот живот и да остават белег зад себе. Книгата се состои од два дела: „Синтези“ и „Анализи“. На крајот се дадени „Прилози“ со извадоци од делата на овие македонски авторки, со што за првпат во македонската книжевност автентично ни се откриваат нивните дела.