Институт за македонска литература, Скопје, 2023
Димензии 24 см
Број на страници 288
ISBN 978-608-4744-38-2
Цена 500,00 ден.
Книгата Тажачки песни од скопскиот земјотрес во 1963 г. (од архивските материјали на Васил Хаџиманов) од Ана Мартиноска и Жарко Иванов, претставува монографија за тажачките песни од скопскиот земјотрес со транскрипција на ракописните материјали и на дел од аудиоматеријалите снимени од Васил Хаџиманов во 1963 година, но и со селекција на фототипни отпечатоци од неговите свески и мелограми. Со објавувањето на оваа книга се овозможува редок архивски материјал од скопскиот земјотрес да биде приопштен во македонската културна меморија за првпат по 60 години и се дава сеопфатен книжевно-историски и теоретски придонес кон најмалку проучуваниот жанр во македонската фолклористика – жанрот на тажачките народни песни. Со ова значајно научно остварување се збогатуваат научните сознанија за спецификите на жанрот на тажаленките и особено за богатиот корпус на тажаленките од земјотресот собирани од значајниот собирач на народни умотворби Васил Хаџиманов, но истовремено и сите тие се ревитализираат и зачувуваат за идните генерации како раритетен дел од македонското фолклорно, етномузиколошко и културно-историско наследство. Авторите прават сеопфатна фолклористичка анализа на корпусот на над двесте тажачки песни за скопскиот земјотрес од 1963 год. и теоретска обработка на дигитализираните материјали, која меѓу другото расветлува и некои крупни прашања во однос на презентацијата на траумата низ мотивите за земјотресот, рефлексијата на социо-економската стварност во овие песни, интимните и симболичките наративи, стилистичките, семантичките и останатите особености на досега недоволно проучуваниот жанр на тажаленките.