Skip to content

Упатство за докторска дисертација

Врз основа на член 16 алинеја 19 од Статутот на ЈНУ Институт за македонска литература во Скопје, во согласност со членовите од 224 до 234 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје и член 47 од Правилникот за условите, критериумите и правилата за запишување и студирање на прв и втор циклус универзитетски студии, Советот на Институтот за македонска литература во Скопје на 49. седница одржана на 22.6.2010 година го донесе следново

У П А Т С Т В О

за докторска дисертација

  1. Услови и начин за пријавување на докторска дисертација

Пријава за изработка на докторска дисертација може да поднесат кандидатите кои имаат стекнато 42 ЕКТС-кредити од избраните предмети и најмалку 4 ЕКТС-кредити од докторски конференции / семинари и го уплатиле потребниот износ за пријавување на дисертацијата.

Со пријавата се доставува и елаборат за темата на докторската дисертација, кој содржи:

– наслов на докторската дисертација; 

– преглед на достигнувањата на научната дисциплина културолошки студии, поврзани со предметот на истражување;

– предмет на истражување;

– нацрт на содржината;

– цели на истражувањето;

– образложение на работните хипотези и тези;

– научни методи кои ќе се применат;

– очекуван научен придонес;

– примена на резултатите од истражувањето и

– список на литература и други извори.

Кандидатот е должен пријавата и образложението за изработка на докторската дисертација да ја достави во печатена и во електронска форма на e-mail: iml.kult@gmail.com

 

  1. Оцена на пријавената тема за докторска дисертација

На предлог на Советот на студиската програма, Советот на Институтот формира Комисија за оцена на пријавената тема за изработка на докторска дисертација. Комисијата е составена од три члена со наставно-научни / научни звања, признати стручњаци во подрачјето од кое е пријавена темата на дисертацијата.

Комисијата може да ја врати пријавената тема за доработка, само еднаш и да определи, во рок од 30 дена да се изврши доработката. 

Комисијата изготвува извештај во кој дава предлог за прифаќање или неприфаќање на темата за изработка на докторската дисертација.

Извештајот се доставува до Советот на Институтот во рок од 3 (три) месеци од денот на предавањето на пријавата или од доработката.

Прифатената тема се објавува во Билтен на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и студентот се стекнува со статус на докторанд.

 

  1. Подготовка на докторската дисертација

Докторската дисертација е изворен и самостоен научен труд, кој, според методологијата на изработка и степенот на придонесот кон науката, е соодветен за утврдување на способностите на студентот да работи во науката како самостоен истражувач.

Докторската дисертација треба да содржи минимум 150, а максимум 300 страници, не вклучувајќи ја насловната страница, страниците каде што е наведена содржината на дисертацијата и користената литература; По исклучок, а со одобрение на менторот, дисертацијата може да отстапува од овие пропозиции. 

Насловот на докторската дисертација не треба да содржи кратенки, загради, или наводници;

Дисертацијата треба да биде изработена во компјутерска техника, во фонт Georgia/Times New Roman со македонска јазична поддршка, со големина на буквите 12 и проред 1,5 за основниот текст и големина на буквите 10 со проред 1 за текстот во фусноти;

Дисертацијата треба да ја има следнава структура:

– воведен дел (општествена оправданост на темата, достигнувања на научната дисциплина поврзани со предметот на истражување, методологијата што ќе се користи, појдовни хипотези, предмет на истражување, цели на истражувањето, очекуван научен придонес);

– поимно определување, односно основни карактеристики на проблемот или појавата што се разработува односно анализира низ теоретска елаборација;

– разработка на дисертацијата;

– заклучни согледувања;

– користена литература.

Дисертацијата е структуирана по глави и поглавја. Поделеноста по глави и поглавја се означува со арапски цели броеви (за главните наслови) и децимални броеви (за поднасловите) Пр. 

СОДРЖИНА

РЕЗИМЕ (на еден од светските јазици во обем до две страници) 

ВОВЕД

  1. ПРВА ГЛАВА

1.1 Прв поднаслов во рамките на првата глава

1.2 Втор поднаслов во рамките на првата глава (итн.)

  1. ВТОРА ГЛАВА

2.1 Прв поднаслов во втората глава

2.1.1  Прв поднаслов во рамките на првиот поднаслов во втората глава

2.2 Втор поднаслов во рамките на втората глава (итн.)

  1. ТРЕТА ГЛАВА (итн.)
  2. ЗАКЛУЧНИ СОГЛЕДУВАЊА

    КОРИСТЕНА ЛИТЕРАТУРА

 

  1. Постапка за оценка и одбрана на докторската дисертација

Пред завршувањето на менторската фаза кандидатот е должен текстот на докторската дисертација да го достави до менторот.

Кандидатот на посебен образец поднесува барање за формирање Комисија за оценка на докторската дисертација. Барањето се прифаќа само со обезбеден потпис од менторот.

Менторот, на седница на Советот за докторски студии, известува за  завршената менторска фаза.

По предлог на Советот на студиската програма, Советот на Институтот формира Комисија за оценка на докторската дисертација; Комисијата е составена од пет члена со наставно-научни/научни звања, признати стручњаци во подрачјето од кое е темата на дисертацијата. 

Докторската дисертација се доставува во пет примероци во хартиена форма за членовите на Комисијата за оценка на дисертацијата.

Комисијата може да ја врати изготвената докторска дисертација, само еднаш и да определи рок за нејзина доработка. 

Комисијата е должна да поднесе Извештај до Советот на Институтот во рок од три месеци од формирањето на Комисијата или од повторното поднесување на доработената докторска дисертација.

Извештајот со оценка на дисертацијата се објавува во Билтен на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Ако кандидатот не го испочитува рокот за доработка на дисертацијата или Советот не го прифати извештајот на Комисијата, се донесува одлука за запирање на постапката за стекнување научен степен доктор на науки и за тоа се известува студентот.

Советот по прифаќањето на извештајот за оценка на дисертацијата формира Комисија за одбрана во која најмалку тројца се од соодветната научна област од која е темата на дисертацијата.
Членовите на Комисијата за оценка може да бидат и членови на Комисијата за одбрана. 

Кандидатот е должен да достави седум примероци (вкоричени во тврд повез) од конечната верзија на дисертација, до архивата на Институтот. (од кои пет за членовите на Комисијата за одбрана, еден за библиотеката на Институтот и еден за Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје).

Текстот на дисертација треба да биде без правописни, јазични и технички грешки.

Советот го усвојува Извештајот и определува ден за одбрана.

 

  1. Одбрана на докторската дисертација

Докторската дисертација мора да и биде достапна на јавноста најмалку 15 дена пред одбраната.

Денот на одбраната се закажува во рок од 1 месец од прифаќањето на Извештајот од страна на Советот на Институтот и поставувањето на докторската дисертација на системот за плагијати;

Соопштение за одбраната на докторската дисертација се објавува во средствата за јавно информирање и на огласна табла на Институтот најмалку 7 дена пред денот на одбраната, а кандидатот за одбраната се известува писмено и преку електронска адреса (e-mail);

Одбраната на докторската дисертација е јавна;

На јавната одбрана се чита заклучокот и оценката содржани во Извештајот, извештајот за текот на постапката и биографските податоци на кандидатот. Потоа кандидатот поднесува усмено излагање на докторската дисертација (експозе) во траење од најмногу 30 минути, по што следува поставување прашања од членовите на Комисијата и давање одговори од страна на кандидатот;

Оценувањето се врши со описни оценки: успешно ја одбрани докторската дисертација или не ја одбрани докторската дисертација;

За текот на одбраната се води записник. Записникот го води секретарот на Институтот, а го потпишуваат членовите на Комисијата за одбрана.

 

  1. Технички правила за подготовка на докторската дисертација

Наслов на книга, списание, зборник – во Italic

Поединечни книжевни текстови – во наводници

Азбучен ред на литературата – според азбуката на која се пишув

Примери:

За наведување книга

Конески, Блаже: 

(1982), Граматика на македонскиот литературен јазик, Култура, Скопје

(1983), Песни, Култура, Скопје

За наведување текст од списание

Јуван, Марко: 

(2005), „Литерарноста како културолошка категорија“, Спектар, 45-46, стр. 171-191

За наведување текст од зборник

Стојчевска-Антиќ, Вера: 

(2004), „Кон средновековниот роман во Македонија“, во Зборникот 50 години македонски роман, Институт за македонска литература, Скопје, стр. 11-17

Во текстот на дисертацијата, при цитирање или повикување на одреден автор, се наведуваат скратени податоци: презиме, година и страница. 

(Поповски, 1988:54)

 

  1. Дисциплинска одговорност за плагијаторство

Согласно Статутот на УКИМ, тешка дисциплинска повреда претставува плагијаторството кое подразбира пренесување туѓ текст или туѓа докторска дисертација во сопствено име.

За утврдена дисциплинска повреда плагијаторство на кандидатот му се изрекува забрана за изработка и одбрана на докторска дисертација којашто е плагијат.