
Институт за македонска литература, Скопје, 2026
Димензии 21 см
Број на страници 250
ISBN 978-608-4744-50-4
Цена 400,00 ден.
Во книгата Жени во македонскиот фолклор од XIX век од Славчо Ковилоски се претставени жени, поетеси и интерпретаторки на народни песни од 19 век, кои на различни начини ги учеле постоечките творби, ги пресоздавале и вметнувале новитети во нив. Во зависност од нивните творечки и интерпретаторски капацитети некои од нив посветувале внимание на римата, некои на метриката, некои на топографијата и хидрографијата итн. Од нивниот интерес зависело какви народни песни ќе бидат создадени, со какви теми и мотиви.
Во книгата се претставени биографиите и е направена анализа на испеаните песни на: Депа Каваева, Дафа Цепенкова, Цвета Мазнеова, Дафина од Просеник, Илинка Везенковска, Арса Стрезова, Митра Ристова, Парашкева Сирлешчова и Митра Миладинова (сопругата на Димитрија Миладинов).
Со приопштувањето на нивното творештво очекуваме да се пополни една голема празнина од областа на фолклорот и книжевноста поврзана со епосот и лириката испеан и создаден од жените кои преку народната песна ги реализирале своите потреби за естетиката, односно убавото.
Со презентирањето на биографиите на наведените народни поетеси и анализата на нивните песни на едно место се дава гласност, односно им се дава заслуженото место во македонскиот фолклор, но и во македонската книжевност како афирматори на поетскиот збор, како негови создавачи и како активни протагонисти на своето време.
Очекуваме дека презентираните имиња во иднина ќе најдат место во каноните на македонскиот фолклор, но и во македонската книжевност, бидејќи некои од овие творби стојат многу високо во рамките на авторските уметничките квалитети. Испреплетени со повеќе теми и мотиви, овие народни поетеси создале високоуметнички поетски дела кои можеме да ги сметаме за рамноправни авторски творби (скриени под превезот на анонимноста), исто како и оние творби зад кои своевремено се потпишувале и останатите македонски поети од 19 век.
