Научен собир за Јован Павловски

Собирот е во организација на Институтот за македонска литература (ИМЛ), а ќе зборуваат Катица Ќулавкова, Лорета Георгиевска-Јаковлева, Наташа Аврамовска и Гоце Смилевски.

Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, во среда (12 октомври 2022) во 12 часот, во просториите на ИМЛ, ќе ги одбележи двата јубилеја на македонскиот истакнат писател, поет, раскажувач, енциклопедист и публицист Јован Павловски: 85 години од неговото раѓање и 65 годишната творечка дејност.

Собирот ќе го отвори претседателката на Организациониот одбор проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева од ИМЛ, а за творештвото на Павловски ќе зборуваат акад. Катица Ќулавкова (МАНУ) на тема „Поетското творештво на Јован Павловски видено низ призма на неговите митски, историски и поетски слики“, проф. д-р Наташа Аврамовска ќе зборува за романот „Град, години, луѓе“ на Павловски во излагањето со наслов „Правта и ѕвездите“, проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева на тема „Романескниот опус на Јован Павловски“ и проф. д-р Гоце Смилевски ќе зборува на тема „Роман за еросот, отуѓеноста и општествената ентропија: ‚Сок од простата‘ од Јован Павловски“.

Организационен одбор на Конференцијата: проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева (претседател), проф. д-р Наташа Аврамовска, в.д. директор (член), проф. д-р Гоце Смилевски и д-р Биљана Рајчинова-Николова (секретар)