Африм А. Реџепи: Потрага по хармонија (Книжевно-естетски студии)
Институт за македонска литература, Скопје 2016
Димензии 21 см
Број на страници 120
ISBN 978-608-4744-07-8
Цена 300,00 ден.
Книгата содржи дванаесет научни студии од кои некои се веќе презентирани на меѓународни научни конференции во текот на изминатите три години како и во научните списанија со домашен и меѓународен карактер. Меѓу вброените текстови се среќаваат насловите: „Естетиката и културата“, „Протонизам“, „Интеркултурна херменевтика и глобализацијата“; „Деконструкција – естетиката на просторот“, „Деконструкција на сликата“, „Естетиката на грдото – абјектноста“ и др., – кои самите по себе укажуваат на тенденцијата на авторот врз конкретното (уметничкото) дело,да го посочи одлучувачкото значење на естетиката во интерпретацијата на книжевните текстови. Поимајќи го книжевниот текст како макротекстуална фигура односно текст-фигура, авторот внимателно потсетува дека фигурата не е само интелектуално односно рационално зададена и дека не може докрај да се опфати преку херменевтичката прагма, туку е и чувствено, сензуално устроена. Оттаму, при интерпретацијата на книжевните текстови, авторот го става акцентот врз ефектот (aisthesis), обидувајќи се што повеќе да ја приближи теоријата на литературата (чија задача ја поима како истражување на вистината во текстот) со естетиката (поимана како истражување на ефектот на текстот-фигура). Во своите основни тенденции критичко-теорискиот зафат на Реџепи се надоврзува на идејните ставови и поими во овој контекст на Жил Делез и Феликс Гатари, како и на релационата естетика на Бадју и сл.