Институт за македонска литература, Скопје, 2022
Димензии 21 см
Број на страници 254
ISBN 978-608-4744-34-4
Цена 300,00 ден.
Книгата Книжевен бинокулар од Соња Стојменска-Елзесер опфаќа различни модели на критичко-есеистичко писмо (осврти, прегледи, беседи, студии и др.) пронижани со длабока посветеност на книжевните феномени и стремеж за нив да се говори од компаратистичка и културолошка перспектива. На проблемско ниво книгата првенствено се занимава со компаратистиката како академска дисциплина и како пристап кон книжевноста, но ги зафаќа и дилемите за книжевната вредност и статусот на хуманистиката воопшто, завлегува во доменот на книжевното архивирање и потенцијалите за книжевен туризам во нашата култура, ги толкува постмодернистичките книжевни стратегии на „биографикција“ и „фланеристички роман“, ги анализира контекстуализациите на македонската книжевност и енигмите на европскиот (транс)културен контекст, открива финеси од практиката на книжевниот превод и слично. Преокупациите на авторката во вкупно дваесет и два критичко-есеистички текстови се протегаат од нашите канонски творци, како што се Кочо Рацин, Блаже Конески, Славко Јаневски, Матеја Матевски, преку делата на Гоце Смилевски, Владимир Јанковски, Ана Мартиноска, Ана Јовковска, Јовица Ивановски, Ива Дамјановски, до дела на неколкумина странски писатели и теоретичари, меѓу кои се вбројуваат, на пример, црногорскиот писател Драган Радуловиќ, турскиот класик Ахмед Хамди Тампинар, српскиот прозаист Владимир Пиштало и чешките автори Михал Вивег и Јахим Топол.