Одделението за македонска народна литература
ја истражува македонската народна литература од сите жанрови, од различни аспекти и теоретски пристапи. Посебно внимание му посветува на истражувањето на историјата и поетиката на фолклорот како народна традиција, но и на истражување на неговата современа димензија. Со оглед на фактот што македонската уметничка литература ги гради своите темели врз народното творештво, особено е важна анализата на релацијата фолклор – литература преку следење на трансформациите и адаптациите на народните творби и мотиви во делата на македонските писатели од сите генерации. Одделението ги проследува модификациите на народните обичаи и други умотворби во современи услови и ја анализира т.н. жива култура, како и новите перспективи во фолклористиката и нејзиното приближување кон културолошките студии во смисла на заштита и промоција на фолклорот како културно наследство, но и во насока на интердисциплинарни проучувања на мултимедијалноста на фолклорот.
Раководител: д-р Ана Мартиноска, научен советник
Членови: м-р Жарко Иванов, соработник-истражувач, м-р Ана Јовковска, соработник-истражувач
