Skip to content

ЗАПИСИ ЗА МАКЕДОНСКАТА КНИГА од Валентина Миронска-Христовска

 

Институт за македонска литература, Скопје, 2024
Димензии 21 см
Број на страници 306
ISBN 978-608-4744-41-2
Цена 400,00 ден.

Книгата Записи за македонската книга од Валентина Миронска-Христовска е составена од дванаесет студии, комплементарно поврзани во кои станува збор за личности, идеи и процеси поврзани со појавата на печатените книги и нивната афирмација кои имаат особено значење за развојот на македонската културна преродба. Во поголемиот дел од студиите станува збор за културниот развој во деветнаесеттиот век, период во кој културниот развој го добил својот динамичен импулс. Тоа е период кога развојот на културниот идентитет се одвивал и кај другите народи, па во тој контекст се проследени влијанијата кои доаѓале од другите културни заедници, особено од современите европски текови. Во еден дел од студиите се проследени крупните реформи кои се случиле со просветителството и кои имале особено значење за развојот на образованието и културата воопшто. Проследувањето на процесите е согледано и преку дејноста на значајни преродбеници, формираните друштва, кои придонесле за печатење, ширење и афирмирање на книгата како основно и значајно средство за образованието и воспитувањето на децата и на народот воопшто, а кои истовремено придонесле и за отворање на училишта, библиотеки, читалишта, потоа за појавата на едицијата книги за деца, како и за развојот на науката и литературата итн. Дел од текстовите истовремено посветени се и на значајни јубилеи: по повод 205 години од објавувањето на книгата Книга сие зовомае огледало од Кирил Пејчиновиќ; 120 години од формирањето на „Македонското научно-литературно другарство“; 160 години од објавувањето на зборникот на браќата Миладиновци; 130 години од формирањето на „Младата македонска книжевна дружина“ – „лозарите“; 190 години од раѓањето и 100 години од смртта на Марко Цепенков е студијата „Цепенковото литературно наследство и колективната меморија“, додека студијата „Универзалното, колективното и личното во записите на Марко Цепенков“; 110 годишнината од раѓањето на Кирил Пенушлиски и 50 години од објавувањето на севкупниот опус на Марко Цепенков во 10 тома; 60 години од смртта на Ѓорѓи Абаџиев; 100 годишнината од раѓањето на Коле Чашуле.