Институт за македонска литература, Скопје, 2024
Димензии 21 см
Број на страници 203
ISBN 978-608-4744-44-3
Цена 400,00 ден.
Книгата Книжевни паметници од Наташа Аврамовска вклучува повеќе студии, но е монографски замислена и сосредоточена врз една тема – културната меморија во современата македонска книжевност и современата книжевност воопшто. Под културна меморија, од една страна, се земени предвид облиците и обрасците на запаметувањето (мнемотехничките формулативни облици на нарацијата), а од друга страна, одделните, индивидуални и колективни микро-историски паметења или сведочења. Врз примерот на значајни современи раскажувачки , но и драмски и поетски дела, се посочува присуството на културно-мемориските аспекти во нив (на формално т.е. изразно и содржинско рамниште), и се истражува нивната творечка трансформација кај современите писатели и писателки. Оваа постапка на творечка трансформација напати кореспондира со актуелниот миг на книжевната и културната комуникација (на локалната или глобалната сцена), или пак истите ги насочува и создава. Секоја книжевна реактуализација на минатото притоа има одредено значење за сегашноста кон којашто е упатена и на којашто ѝ се обраќа врз основа на дадени културни претпоставки. Проследувањето на овие аспекти во прозните дела на Марко Цепенков, Блаже Конески, Коле Чашуле, Оливера Николова, Благоја Иванов, Јован Павловски, , Ермис Лафазановски, Венко Андоновски, како и во драмите на Горан Стефановски и Јордан Плевнеш и во поезијата на бројни современи поети и поетеси, ја посочуваат продуктивната улога на книжевноста како паметник која од една страна ја зачувува пред заборавот меморијата на заедницата, но од друга страна, го насочува културното паметење и кон новото време на интеркултурното и транскултурното паметење.
