Валентина Миронска-ХристовскаИнститут за македонска литература, Скопје, 2009
Димензии 21 см
Број на страници 229
ISBN 978-9989-886-78-2
Цена 300,00 ден.
Македонската литература во 19 век, односно делата на македонските преродбеници, просветители и романтичари ни го посочуваат нивниот тематски именител – македонското прашање. Почетокот на отворањето на македонското прашање го согледуваме во укинувањето на Охридската архиепископија во 1767 година, чија содржина се менувала: ослободувањето на Македонија од Османлиската Империја; обновата на Охридската архиепископија односно признавањето на Македонската православна црква; автономија на Македонија односно Македонија на Македонците; кодификацијата на македонскиот јазик; територијалната поделба на Македонија; а во денешно време тоа се одвива по однос на македонското име, на македонскиот идентитет.
Во македонската литературна историја непобитно е дека во 19 век македонските преродбеници, просветители, интелектуалци, граѓанската класа и револуционерите дејствувале и ги бележеле своите активности онака како што тие се случувале, онака како што ги доживувале. Нивните исписи, за нас се драгоцен документ, кој сведочи за историските факти, за историските настани, за историските личности, за историско-културниот континуиран развој на македонскиот народ, за борбата за правилното решавање на македонското прашање. Пред нас распослани се многубројни сведоштва за Македонија, етнографски расправи за Македонија, за македонското движење, за македонското дело, по македонските работи, за зацвстувањето на националната свест, за дамаскинарската традиција, за дилемите пред идеите за панславизам, илиризам, унијатството, за саможртвите, во кои се бара: решение на македонското прашање. Околу нас извираат автобиографии, спомени, раскази, патописи, песни, драми во кои се запишани историските настани од 19 век од кои извира единствената порака-поука дека македонскиот народ мора да биде единствен, да биде обединет како историска неопходност, бидејќи разединетоста би водела кон дележ на Македонија. Во книгава застапен е само сегмент од истражувањата на темата македонското прашање. Во неа се вклучени и претставувањата на книгите на нашите научни современици кои пишуваат за оние од минатото кои пишувале или оставиле податоци за тоа минато, за македонското прашање.
