Главен истражувач: д-р Ленка Татаровска, научен советник
Соработници: д-р Марко Китевски, научен советник и д-р Ана Мартиноска, научен соработник

Овој проект е замислен како реализација на една идеја која има за цел да го опфати и истражи комплексот на логично организираните верувања, обичаи, апстрактните поими, чувствувања, религиозни симболи, културни дејствувања и морално-етички принципи кои на еден или друг начин упатуваат на човечката замисла за постоењето на “натприродното суштество”. Ова “трансцедентно битие” поставено е како суштинско прашање во самата религија, а оттаму одразено и во другите културно-духовни активности на човекот, како што се на пример: митот, јазикот, уметноста, фолклорот, науката и друго. 
Конкретно, во случајов за нас се интересни фолклорните сфаќања за божественото, народните претстави и перцепции за целината и единството на светот. И денес во науката со помош на поимите како што се: битието, материјата, супстанцата… се настојува да се дојде до сознанијата за мигот на прапочетокот на светот и космосот. Тие идеи постојано го опседнувале човекот, особено прашањето дали тој е сам во светот, од каде дошол и каде оди, дали тој е бесмртен и бесконечен како универзумот, колку неговиот ум е моќен и слично. Сево ова како една сеопфатност на духот е мошне застапено во макeдонскиот фолклор. 
Многубоштвото или т.н. народни религии кои немаат основач туку се производ на колективната свест, во македонските народни умотворби се присутни преку разни остатоци, реликти или “пагански преживувања”. Замислениот објект, т. е. “вишата сила” низ народните сфаќања се поима и испреплетува во зависност од тоа дали се во прашање духови на природата, повеќе богови или само еден бог, светци, разни чуда, паралелизам на религијата и магијата, потоа разни мотиви од Стариот и Новиот завет наречени Големи кодекси и сл. Оттаму и мешањето на постарите со поновите религиозни слоеви, чија реконструкција во проектот се настојува да се изведе.