Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Културолошките студии во книжевноста при оваа установа организираат
Меѓународната научна конференција
Критика и молк: читање на македонската литература и култура
Скопје, Македонска академија на науките и уметностите, 7 – 8 ноември 2016 година
Организационен одбор: д-р Соња Стојменска-Елзесер (претседател), д-р Маја Јакимовска-Тошиќ (директор на Институтот за македонска литература), д-р Ана Мартиноска, д-р Александар Прокопиев, д-р Наташа Аврамовска, д-р Илија Велев, д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, д-р Валентина Миронска-Христовска (членови) и м-р Сарита Трајанова (секретар).
Концепт:
Конференцијата „Критика и молк: читање на македонската литература и култура“ е осмислена како дел од одбележувањето на 35-годишниот јубилеј од основањето на Институтот за македонска литература, кој со својата целокупна дејност директно е вклучен во детектирањето, негувањето и научното проследување на трајните вредности на македонската литература и култура. Во фокусот на вниманието на конференцијата ќе биде прашањето за тоа како се препознаваат, како се негуваат и како се обликуваат трајни вредности. Процесите на толкување и валоризација на современата култура, и во национални рамки и на глобално ниво, стануваат сè пообременети од вонестетски чинители, како што се: позиционираноста на моќта, консумеристичката доминација, идеолошките и политичките контексти, книжевните моди, различните групирања, културниот пазар, цензурата и табу-темите и сл. Критиката, како во литературата, така и во другите уметности, се модифицира и се оддалечува од класичниот познат модел, се видоизменува или сосема изостанува. И самата естетска валоризација се сведува на прашање на вкус, индивидуален или на одредени толкувачки заедници, така што функцијата на критиката, било да се работи за академска, новинарска или критика изложена на социјалните мрежи, се проблематизира, релативизира или сосема се девалвира. Ваквата културна ситуација овозможува развивање на култура без аксиолошки параметри, од една страна, и губење и понирање во заборав на одредени традиционални вредности, од друга страна. Засегнати од контроверзите на овие состојби, поттикнуваме дебата во која како посебни ориентациони пунктови ги предлагаме следниве теми:
Критиката во македонската литература и култура – Улога на критиката во современата македонска култура; Прашањето на методот во критиката; Критиката како креација; Критиката во медиумите; Новите медиуми и нивниот импакт врз вредносните системи; Критиката и преводот и др.
Предизвикување на вредносните канони – Ревизии и превреднувања; Антологиски претставувања, Хегемонија и/или демократизација во културата; Цензура и табу-теми, Субјективизам во критиката и др.
Културата во пазарното општество – Конзумеризам; Бестселер, Издаваштво; Критика и/или реклама, Комерцијализација на уметноста.
Книжевниот живот во Македонија – Книжевни награди и полемики; Книжевна промоција; Книжевни саеми и фестивали; Книжевни институции и книжевна алтернатива, Книжевни списанија; Вечниот конфликт: млади – стари, Гинокритика и др.