
Институт за македонска литература, Скопје, 2025
Димензии 21 см
Број на страници 231
ISBN 978-608-4744-45-0
Цена 400,00 ден.
Во книгата Македонистички студии од д-р Валентина Миронска-Христовска се застапени студии во кои се проследува дејноста на македонските преродбеници кои одиграле клучна улога во текот на македонската културна, национална и револуционерна преродба. Првата студија е посветена на улогата на борбата за обнова на Охридската архиепископија преку која македонските просветители ја започнале и борбата за македонскиот јазик наспрема елинизацијата, со што започнала културната преродба на македонскиот народ. Потоа следуваат студии во кои се застапени ставовите и заложбите на Партениј Зографски, Теодосиј Синаетски, Анатолиј Зографски, Венијамин Мачуковски, Димитар Македонски и Јосиф Ковачев за македонскиот јазик, на творечкиот опус на Рајко Жинзифов, на ставовите на Крсте Мисирков и Арсени Јовков за македонското прашање.
Во одделна студија се проследени и ставовите на европските интелектуалци како Петар Драганов, Николај Дурново, Карл Хрон, Рихар Фон Мах, Вилијам Гледстон и други кои се залагале за афирмација на македонската самобитност, на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет.
На студиите посветени на преродебниците од 19. век се надоврзуваат и неколку студии за македонски писатели од 20. век, кои своите творби ги посветија на апостолот на македонската револуционерна борба Гоце Делчев, потоа кои со својата дејност ги продолжија заложбите на втемелувачите на македонизмот како Ѓорѓи Абаџиев и Македонскиот литературен кружок; следува студија и за Гане Тодоровски кој преку своите дела македонствува; за индивидуалните и колективните трауми на македонскиот народ во делата на Ѓорѓи Абаџиев и Ташко Георгиевски. Во книгата се застапени четиринаесет студии.
