Skip to content

МИСЛЕЊА И ЗАБЕЛЕШКИ ПО ПРЕДЛОГ-ЗАКОНИТЕ ЗА ВИСОКООБРАЗОВНА ДЕЈНОСТ

inst

Институтот за македонска литература – Скопје, на седниците на Наставно-научниот колегиум за вториот циклус студии и на Советот на Институтот од 23.12.2014 година, ги утврди следниве мислења и забелешки во однос на двата предлог закони кои го регулираат вршењето на високообразовната дејност – Предлог Законот за измена и дополнување на Законот за високото образование и Предлог Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование.
 
Предлог Закон за измена и дополнување на Законот за високото образование

    Институтот за македонска литература како научна установа која изведува високообразовна дејност на втор и трет циклус – докторски студии е на мислење дека предложените измени на Законот за високото образование нема да доведат до повисок квалитет во високото образование од следниве причини:

Финансиски импликации на Буџетот
    Измените на Законот за високото образование ќе предизвикаат финансиски импликации врз Буџетот на министерството надлежно за работите на високото образование. Наместо во комисии, престој и ангажирање на лица странски државјани, опрема за снимање и сл., за повисок квалитет на наставата треба да се вложува во научноистражувачката дејност преку создавање на можности за усовршување на наставно-научниот кадар, мобилност и учества на значајни меѓународни научни собири, објавување на рецензирани научни трудови, работа на меѓународни и национални научноистражувачки проекти, како и вработување на млади научни кадри и осовременување на информатичката опрема.   

Странски државјани во управувањето  и оценувањето на квалитетот на образованието
Со ангажирањето на лица странски државјани се изразува недоверба и потценување на домашната академска заедница. Можноста ректор и декан/директор да биде лице странски државјанин (чл. 2 и чл. 3) е неприфатливо и неизводливо и ќе наиде на бројни административни пречки во секојдневната комуникација и работење.
Во Одборот за акредитација и евалуација на високото образование се предвидувааат двајца членови странски државјани од редот на петстоте највисоко рангирани универзитети на Шангајската листа, што ќе има за последица одлевање на обемни финансиски средства (чл. 5).
Од друга страна, со исклучувањето на двајца члена од Македонската академија на науките и уметностите, кои се предвидени со важечкиот закон, од ова тело се исклучува највисоката инстанца на македонската научна мисла. Со исклучувањето на двајцата претставници на студентите, исто така се исклучува мислењето на студентите, кои се најважни учесници во високообразовниот процес. 

Неприфатливост на концептот за државен испит (чл. 4)
Институтот за македонска литература во Скопје и претходно се произнесе против воведувањето на државниот испит за студентите на универзитетите во Република Македонија. Неприфатливоста на овој концепт се должи на следново:
•    Кадрите дипломирани во Македонија, особено на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се прифатени и ценети при продолжување на нивното образование на странските универзитети. Со воведувањето на државниот испит се изразува сомневање во стекнатите дипломи и се девалвира македонскиот високообразовен систем.
•    Државниот испит е замислен како непродуктивно оптоварување на студентите кое ќе значи непочитување на Болоњскиот процес и неговите принципи за мобилност на студентите.
•    Овој начин на проверка на знаењата нема да доведе до обезбедување квалитет во високото образование, туку ќе доведе до потценување и девалвирање на компетентноста на наставно-научниот кадар, која континуирано се следи и се вреднува преку системите за евалуација и самоевалуација.
•    Неприфатлив е за сите циклуси на образование, особено за вториот циклус во чија реализација учествуваме со наши акредитирани програми. Постојаната континуирана акредитација на студиските програми и ментори на вториот и третиот циклус и предвидените форми на проверка на знаењата (семинарски и стручни трудови, есеи, истражувачка работа и пишување научни трудови, полагањето на испити, пишување и јавна одбрана на магистерски труд) го обезбедуваат потребното ниво на стручно профилирано знаење и придонесуваат за систематско разбирање на научното подрачје, способност за критичка анализа и критичко мислење и развивање на нови знаења.
•    Упорно се инсистира на квалитет, а исто толку упорно се апсолутизираат статистичките техники и се потиснува квалитативната методологија, со што се квантифицира самиот поим квалитет. Продлабоченото знаење, на кое речиси сите инсистираме, квалитативно е поинакво од збир на информации.
•    Предложената форма на проверка на знаењата преку пет прашања и  заокружување на абвг – одговори, како и бесконечната можност за полагање е најпогрешниот начин за проверка и оцена на знаењето. На вториот циклус студии најзначајно ни е создавањето на креативни и мислечки личности, оспособени за интердисциплинарно толкување, комуникациски способности, вештини за учење и за управување со информациите, нивна анализа и синтеза, како и способности за самостојна примена на знаењата. Дипломирањето на вториот циклус значи стекнување на научен назив, затоа за нас е најважна оспособеноста на студентите за научни истражувања.
•    Присуството на претставниците од министерството, како и утврдувањето на идентитетот на студентот од страна на претставникот на Одборот е уште едно од бројните нарушувања на универзитетската автономија со овие измени.
•    Идејата за снимање со камери и прикажување на снимениот материјал е неразумна и понижувачка за студентите и за професорите и е спротивно на Законот за заштита на личните податоци.
•    Со наметнувањето обврска за доставување доказ за положен државен испит се дискриминираат и нашите и странските студенти кои стекнале странска високообразовна квалификација, а сакаат да продолжат на магистерски или докторски студии во Македонија. (чл. 26)

Ограничување на условите за ментор на втор циклус студии
За научните институти од национален интерес, во условите за ментор на втор циклус студии (чл. 9), неопходно е да се вреднуваат:
•    научните книги (монографии) посветени на македонската книжевност, историја и култура, со што најсуштински се зачувува и негува македонскиот национален идентитет
•    рецензираните научни трудови, објавени во зборници од меѓународни научни собири;
•    преводи на резултати од значајни научни истражувања.

Поради специфичноста и националното значење на одредени научни области во хуманистичките и општествените науки, сметаме дека тие треба да се иземат од обврската за објавување во списание со импакт фактор.
    Исто така треба да се формира национална база на научни списанија за да се овозможи вреднување на релевантните домашни списанија.

Предложената измена – наместо Министерството за образование и наука, решение за почеток со работа на третиот циклус – докторски студии да дава Владата на Република Македонија може да доведе до забавување на процесот на отпочнување и реализација на овие студиски програми. (чл. 11)

Воведувањето на превисоките глоби и казни, наменети кон деканите и восокообразовните установи ги сметаме за крајно непопуларна мерка која не доведува до квалитет во високото образование. Санкции треба да следат само доколку се работи спротивно на решението за акредитација на студиските програми. 

Предлог Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование

Државна контрола на високообразовните установи
    Со предложените измени, повеќе надлежности на Наставно-научниот совет се пренесуваат на министерот, со што се елиминира универзитетската автономија. Министерот:
•    определува предмети (чл. 3 ст. 2);
•    ги утврдува звањата со кои се стекнуваат студентите со завршување на студиската програма (чл. 5 ст. 4);
•    формира комисии кои ги изработуваат студиските програми (чл. 9 ст. 1 и 3);
•    покренува измени на студиска програма (чл. 9 став 7);
•    формира посебна стручна комисија на чиј предлог Одборот за акредитација и евалуација на високото образование ја врши акредитацијата на студиската програма (чл. 10 ст. 2);
•    Пред да го донесе решението за почеток со работа, може да побара издвоено стручно мислење од посебна комисија со универзитетски професори од Шангајската листа или од QS листата, со што исто така се покажува недоверба кон домашната академска заедница (чл.10 ст. 7)
•    определува стручни лица кои ги изготвуваат и ревидираат базите на прашања за приемниот испит, а за кои важи само еден услов „најмалку 5 години работно искуство во соодветната област“ (чл. 14 ст. 6 и 16);
•    дава согласност за формирање на Рецензентска комисија за избор во звање (чл. 17 ст. 9).

Со тоа што Рецензентска комисија, наместо досегашните 3 члена брои 5 члена, дополнета со  двајца претставници од Шангајската листа или од QS листата, исто така се нарушува автономијата на универзитетот и интегритетот на македонските универзитетски професори. Од друга страна, покрај исполнети научни услови, од членовите на Комисијата се бара и меѓународен сертификат (не постар од 5 години), што ќе се покаже како неоправдано и неизводливо.

    Снимањето во живо и емитувањето на веб-страница се коси со Законот за заштита на лични податоци.

    Во Комисиите се предвидува да членуваат странски лица со што како и во Законот за високото образование се покажува недоверба кон домашната академска заедница и се наметнува опасност наставно образовните процеси да ги креираат и да вршат надзор странци. Тоа ќе има за последица и одлевање на финансиски средства.  

Треба да постојат единствени критериуми за избор (чл.17)
    За сите универзитетски професори, вклучително и за овие високообразовни установи треба да важат само критериумите за избор во наставно-научни звања, утврдени со чл. 125 од Законот за високото образование.
    Условот меѓународен сертификат за познавање јазик е неоправдано и претставува финансиско и психолошко оптоварување. Неоправдано е затоа што внесува сомнеж во сиот досегашен образовен процес на изучување на странскиот јазик. Условот да се признаваат само европски, а не и домашни (високообразовни) установи за проверка на англискиот јазик е неоправдано и недозволиво. Исто така се фаворизира само англискиот јазик, наспроти другите странски јазици (француски, германски…), кои во континуитет се изучуваат во основното и средното образование.
Поседувањето на меѓународни сертификати и обврската за нивно обновување на 5 години наметнува финансиски трошоци на товар на професорите и на кандидатите кои се запишуваат.

Во однос на обврската за објавување трудови во списанија со импакт фактор да се иземат хуманистичките и општествените научни области и да се разгледа потребата за формирање национална база на списанија.
При конкурирање за избор во звање недозволиво е ексклузивна предност да имаат кандидатите од Шангајската листа и од QS листата. Предноста, исклучиво треба да се обезбедува преку исполнување на научните критериуми за избор. Воедно со ова се искажува непочитување и потценување на нашите универзитети.

Чл. 21 ст. 1 и 2 е целосно неуставен и незаконит со непочитувањето на одредбите од Законот за високото образование со кои е утврден временскиот период од 5 години за избор во одредено звање, и особено со фаворизирањето на меѓународниот сертификат, чие непоседување доведува до престанок на работниот однос. За избор во наставно-научни и научни звања приоритетни се научните достигнувања и постигнувањата во наставната дејност. Сертификатот за јазикот не смее да биде услов за сочувување на работно место на еден универзитетски професор кој континуирано се надоградувал и се усовршувал, почнувајќи од асистент, сè до највисокото наставно-научно звање.  

ИНСТИТУТ ЗА МАКЕДОНСКА ЛИТЕРАТУРА – СКОПЈЕ