Главен истражувач: д-р Наташа Аврамовска, научен советник
Соработници: д-р Соња Стојменска-Елзесер, научен советник и 
д-р Јасмина Мојсиева-Гушева, научен советник 
Млади истражувач: м-р Марта Маркоска, докторантка на ИМЛ и Маја Ивановска, постдипломка на ИМЛ

Проектот “Македонскиот митопоетски роман” (ММР) е замислен како дел од поголем, макро проект на Институтот за македонска литература – Скопје. Проектот предвидува истражување и препрочитување на корпусот на македонскиот современ роман во овој контекст, условно односно појдовно, на две рамништа: 1. тематски: од аспект на препознавањето на митемите, митологемите, митските, митопоетските елементи, како и травестијата и пародијата на митот и митското во романескните структури и 2. од аспект на структурата на раскажувањето: структурата на времето и просторот на раскажаниот свет, вметнувањето на облиците на “митолошкото раскажување” (Ц. Тодоров) и едноставните облици (Јолес) во романескната структура, категоријата на раскажувачот.
Целта на истражувањето е исцртување на координатите на митското и митотворното во македонскиот роман како координати на колективна меморија (за постојаноста во мената на историските делби и преобразби), на колективно проицираниот сон/топос/утопија или напротив, на негово пародиско подривање.